„Велес како зелен град“ – одржана младинска работилница по повод Европската недела на мобилност
Објавено: 17 септември, 2025, во 14:03 часотУченици од основните и средните училишта од Велес денеска беа дел од младинската работилница „Велес како зелен град“, организирана во Младинскиот центар Велес, во соработка со Општина Велес, по повод Европската недела на мобилност.
Работилницата траеше еден час и собра 45 ученици кои преку интерактивни активности се запознаа со концептот на одржлива мобилност и размислуваа за тоа како нивните секојдневни избори – пешачење, возење велосипед или користење автомобил – влијаат врз животната средина и квалитетот на живот во Велес.

Во првиот дел од работилницата, преку воведно излагање, учениците дискутираа што претставува одржлива мобилност, како транспортот придонесува за загадување и кои се еколошките алтернативи за движење низ градот. Тие беа постојано активни, објаснуваа кој каде живее, колку време им е потребно да стигнат до училиште, и на кој начин се движат – некои со автомобили заедно со своите родители, а други пешки.
Во вториот дел се одржа креативна дискусија на тема „Како го замислувате Велес како зелен град во 2030 година?“. Учениците изнесоа конкретни идеи за повеќе пешачки зони, развиена мрежа на велосипедски патеки, унапреден јавен превоз со еколошки возила, и воведување на електрични велосипеди што би можеле да се изнајмуваат. Посочија и дека Велес има потреба од повеќе зеленило – паркови, дрвореди и простори за одмор и дружење.

Најголем интерес предизвика третата активност – „Мапа на мобилноста“. На голема карта на градот, учениците со маркери означуваа каде живеат, каде најчесто се движат и со каков вид транспорт. Преку оваа активност визуелно се прикажаа реалните навики на движење, како и просторите каде постои потенцијал за подобрување на мобилноста.
Младинскиот работник Ивана Јордева за Дума.мк изјави дека со оваа работилница имале цел младите да размислат за иднината на својот град и да разберат дека толку нивните избори во секојдневието има големо влијание врз одржливоста.
-Работилницата помина во најдобар ред. Позитивно сме изненадени колку младите денеска беа активни за време на работилницата, дебатираа, разменуваа мислења и решенија. Многу ми е драго што слушнавме креативни идеи и што младите пожакаа дека се подготвени да придонесат Велес да стане вистински зелен град до 2030 година, додаде Јордева.

Работилницата заврши во позитивна и инспиративна атмосфера, со охрабрување до младите активно да учествуваат во градењето на поодржливо и позелено опкружување.
Стефани Манева



