Велес пулсира со спортска енергија: Свечено отворени 4-тите меѓународни спортски игри

Објавено на 4 јуни, 2025 во 14:22

Со интонирање на македонската химна и химната на Општина Велес во живо изведени од Мики Секуловски, синоќа свечено беа отворени четвртите по ред „Спортски игри Велес“. На годинешното издание учествуваат вкупно 620 натпреварувачи од кои 140 се интернационални спортисти, кои ќе се натпреваруваат во пет спортски дисциплини – фудбал, кошарка, одбојка на песок, тенис и новиот адреналински спорт – тед бол поточмо тенис со нога.

Спортскиот директор Бубе Црвенпанов, прогласувајќи ги игрите за отворени, нагласи дека не се отвораат само спортските игри, туку и срцето на Велес.

-Овие игри не се случајност. Зад нив стои огромен вложен труд, време и ресурси од луѓе кои не бараат ништо освен едно – градот да блесне, а градот блеска, истакна тој.

Црвенпанов упати и благодарност до спонзорите и својот организациски тим, нарекувајќи ги „дел од големата слагалица наречена Спортски игри Велес“.

Од името на главниот покровител, Државна видео лотарија на Македонија и Casinos Austria, се обрати Елена Шалевска која на сите натпреварувачи им посака многу успех.

-Ќе продолжиме уште посилно да вложуваме во градењето на здрави врски помеѓу спортот и младите, порача таа.

Публиката и натпреварувачите ги поздрави и велешката фудбалска легенда Панче Ѓумбев, кој им посака многу спортска среќа и фер игра.

Градскиот парк, каде се одвиваат игрите, останува слободно отворен за сите посетители, но со забрана за движење на возила, што ја спроведува полицијата од СВР Велес по барање на Општина Велес. Натпреварите продолжуваат и денеска во сите дисциплини, а вечерите се резервирани за завршни дуели и дружење под отворено небо.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.