Велешанец починал откако во бесознание бил однесен во болница

Објавено на 14 јули, 2022 во 12:41

Четириесет и шест годишниот Д.В од Велес, во текот на вчерашниот ден, бил однесен во ЈЗУ Општа болница Велес со возило на Итна медицинска помош, во бесознание и по 60 минути реанимација била констатирана смрт. Истиот пациент, на 9 јули, бил однесен во велешка болница истепан и му биле констатирани тешки телесни повреди.

– Пациентот во саботата, на 9-ти јули, беше донесен во велешка болница со тешки телесни повреди и по направена рендген снимка беа констатирани скршеници на две ребра и нагмечетини во градниот кош. Во текот на вчерашниот ден, околу 15:20 часот, истото лице повторно беше донесено во ЈЗУ Општа болница Велес, во бесознание. Извршена е 60 минутна реанимација и во 16:20 часот констатирана е смрт, соопшти портпаролката на велешка болница д-р Елена Левкова Ќулумова.

Од Сектор за внатрешни работи Велес информираат дека случајот бил пријавен кај нив во 16:20 часот.

– Според пријавеното, тој со повреди се здобил на 09.07.2022, а семејството го пронашло во семејната куќа на 13.07.2022 околу 15.00 часот во бессознание, пишува во дневниот билтен на СВР Велес.

Оттаму додаваат дека увид на лице место е извршено од страна на увидна екипа од СВР Велес а по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Велес телото на починатиот е испратено на обдукција.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.