Велешанецот Роберто Димитриевски ги мотивира младите да изберат спорт и здрав живот

Објавено на 31 октомври, 2025 во 11:18

Велешкиот атлетичар Роберто Димитриевски одржа едукативно предавање на тема „Спорт и младите“ со посебен акцент на атлетиката во Јуроп Хаус Велес. Тој е член на Атлетскиот клуб „Велес“ и е многу успешен македонски атлетичар кој трча на многу домашни и меѓународни трки на 5 и 10, 15 километри како и на полумаратон на 21 километар.

Како што истакна Димитриевски за Дума.мк, целта на настанот е да се поттикнат младите да се насочат кон спорт и здрав живот, наместо кон пороците на современото општество.

-Со спортот младите не само што ќе го зајакнат телото, туку и ќе изградат дисциплина и карактер. Сакам да ги мотивирам да се тргнат од телефонитем компјутерите, пушењето и други пороци, со што би се посветиле на нешто што носи вистинска вредност, порача тој.

Димитриевски раскажа дека неговиот спортски пат започнал со фудбал, но неправедна одлука во клубот го насочила кон индивидуален спорт.

-Одлучив дека сакам сам да бидам одговорен за своите резултати. Така пред дванаесет години почнав со трчање. Почетоците беа тешки, но никогаш не се откажав. Најголеми успеси и победи имам постигнато во последниве четири години. Напорно е, но треба да се биде упорен да се има цел, храброст, стратегија и да се извојува победа и кога мислиш дека губиш да се дојде прв на целта, вели тој.

Со својата упорност, Димитриевски денеска е меѓу најдобрите тркачи во земјата. Зад себе има бројни победи на домашни и меѓународни натпревари – меѓу нив и првите места на трките „23 Октомври“ во Гази Баба, „Рацинова трка“ во Велес, „Трката на хероите“ во Грција и хуманитарната трка „Сите за Кочани – Трчаме заедно“ на Средно Водно.

Минатиот викенд тој освои сребро на Државното првенство на 10 километри, со што обезбеди место во македонската атлетска репрезентација и можност за настап на Балканијадата.

Пораката којашто на крајот од настанот им ја испрати на младите велешани гласеше : „Никогаш не се откажувај и верувај во себе – така секогаш ќе стигнеш до целта.“

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.