TELOLET Велешани и годинава безбедно може да се капат само во езеро „Младост“ и на Градски базен - ДУМА.мк

Велешани и годинава безбедно може да се капат само во езеро „Младост“ и на Градски базен

Објавено на 25 јули, 2022 во 15:27

Граѓаните за капење треба да ги користат водите на езеро „Младост“ покажуваат последните резултати на квалитетот на водата земена преку мостри од местата „Градска плажа 1“, плажа „Романтик“ и плажа „Бела Вода“. Примероците на вода и извршените микробиолошки испитувања покажаа дека отстапувањата се забележуваат единствено околу браната на велешко езеро од каде во резултатите се евидентира зголемена матност на водата како и заситеност со кислород но тие нема да предизвикаат здравствени последици по капачите.  

Од 13 јули, годинава, кога започна со работа градскиот базен, испитана е водата и истата е безбедна за капење, покажаа контролите на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.

-Само водите на езеро „Младост“ и водите на градскиот базен се епидемиолошки сигурни и може да се користат за капење и рекреација, пишува во извештајот на прим д-р Снежана Петрова специјалист по хигиена и раководител на Одделението по хигиена и здравствена екологија на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ Велес.

За разлика од овие две локации, јавната здравствена институција задолжена да ги врши испитувањата на квалитетот на водата, не препорачува велешани да се капат, рекреираат како и водата да се користи за наводнување од река Бабуна. По контролата на примероци земени од мерно место „Плажа 1“, над кланица „Агриа“,водата е загадена поточно е од трета класа по бактериолошка контаминација додека според физичко – хемиските параметри отстапува поради зголемена матност и е класифицирана во втора класа на квалитет на вода.

Поради повеќе децениската загаденост, последните мерења на квалитетот на водите во река Вардар, повторно потврдија дека продолжува загаденоста и тоа по матност се класифицирани во петта класа, по бактериолошка контаминација и присуство на амонијак во четврта класа и според присуство на суспендирани материи во трета класа. Затоа лекарите специјалисти уште еднаш предупредуваат дека во Вардар не е дозволено капење, рекреација или пак наводнување. Резултатите се од испитување на мостри што Центар за јавно здравје ги зема, вообичаено, од две мерни места и тоа кај мост на Башино Село и на излезот од  населбата Долни Дуќани во Велес.

Последните резултати покажуваат дека не безбедна за капење е и водата во река Тополка. Од земените примероци на вода на мерно место населба Чашка, локалитет Капалиште и долен тек, пред влив во река Вардар, дека водите во оваа река се од трета класа по бактериолошка контаминација и затоа не треба да се користат за капење, рекреација и за наводнување.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.