Велешани полесно и побезбедно ќе можат да минат преку железничкиот премин кај мостот „Гемиџии“

Објавено на 14 април, 2022 во 16:19

Реконструкцијата на горниот слој на пругата на железничкиот премин на мостот „Гемиџии“ , односно поставувањето на гумените подлоги од страна на Македонски железници – инфраструктура, денеска завршува. Во наредните два дена треба да се асфалтира дел од железничкиот премин и во сабота, 16 април, да се отвори мостот за сообраќај. Овој премин којшто ги спојува двете страни на градот, ќе биде целосно променет и велешани ќе можат да поминуваат преку него многу полесно и побезбедно. Директорот на Македонски железници – инфраструктура, Хари Локвенец, на денешната посета,  посочи дека со оваа реконструкција учествуваат во подобрување на безбедноста како во железничкиот така и во патниот сообраќај.

-Ова е втор премин во Велес на којшто го реконструираме горниот строј со современи гумени елементи. Првиот е веќе направен на патниот премин кај „Киро Ќучук“. Денеска завршуваме со работа на мостот „Гемиџии“ и од недела започнуваме со реконструкција на железничкиот премин во населба „Дворови“. Во следниот период ќе продолжиме и со реконструкција на останатите премини во Велес, додаде Локвенец.

Велешани исто така, често се жалат на сигнализацијата на овој железнички премин и не спуштањето на рампите. Одговарајќи на ова новинарко прашање Локвенец рече дека во постапка е обезбедување на финансиски средства за реконструирање на сигнализацијата на премините но и дека проблемот нема решение поради честите кражби на каблите кои содржат бакар.

-Во однос на безбедноста на патните премини, во моментов има постапка за обезбедување на средства за реконструкција на сигнализацијата на патните премини, независно дали станува збор за звучна, светлосна или со полубраници. Посветено работиме на подобрување на сите патни премини во државата. Сакам да упатам и апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните знаци и правила бидејќи сите учесници во железничкиот сообраќај строго ги почитуваат безбедносните процедури, додаде Локвенец.

Во наредниот период целосно реконструирани ќе бидат и железничките премини кај Стар Мост, пред влез во населба Речани како и крај населба Горно Оризари. Овие гумени подлоги со коишто се потполнуваат железничките премини, во случај на дополнителна интервенција на самата пруга, можат да се извадат и по завршување на работата да се вратат назад. Со тоа се олеснува работата на самите железничари но истовремено подлогите служат и за долготрајна употреба.

Во реконструкцијата на железничкиот премин на мост „Гемиџии“ како и во населба „Дворови“,  со финансиски средства освен Македонски железници – инфраструктура учествува и Општина Велес. Како партнери јавното претпријатие и општината финансираат по 50% од вредноста.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.