Велешанката Росица се обидувала законски да се заштити од скопјанецот Илија, кој вчера ја избоде до смрт неа и татко и
Објавено: 16 септември, 2025, во 14:05 часот
На вчерашниот крвав и трагичен настан во Велес, во којшто со повеќе убоди во телата нанесени од триесет и девет годишниот Илија Стефановски одземени се животите на Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (77) години, му претходеле неколку обиди за лична заштита од страна на велешанката.
Според информации од Основното јавно обвинителство Стефановски на 10 април, годинава, бил осомничен и против него бил поднесен обвинителен предлог за два настани поточно за загрозување на сигурноста и за насилство со нанесување на полесна телесна повреда.
„Првиот настан, случен е на 20 февруари, годинава и вториот во ноќта помеѓу 3 и 4 март, годинава. Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека И. С не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација со кон оштетената,“ соопшти обвинителството.
Основниот суд Велес, пред шест дена постапувајќи по овие обвиненија изрекол пресуда со која обвинетиот Илија Стефановски огласен е за виновен и му изрекол алтернативна мерка, условна осуда.
„Така што му се утврдува единствена казна затвор во траење од една година и четири месеци и истовремено се определува дека утврдената единствена казна затвор нема да се извршува доколку обвинетиот во времето од три години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело,“ соопшти Основен суд Велес.
Исто така, судот со решение од 10 септември, годинава, одредил дека останува во сила мерката на претпазливост со која му забранил на Илија Стефановски да и се приближува и контактира со Росица Коцева како и со нејзиниот партнер до правосилноста на пресудата.
„Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба,“ појаснува велешкото Обвинителство.
Исто така, обвинителство, додава дека Илија Стефановски не ги почитувал ниту претходно изречените судски дополнителни мерки во граѓанска постапка и тоа за заштита од семејно насилство бидејќи жртвата пријавила на 21 мај, годинава, дека добивала пораки и фотографии во обид тој да оствари комуникација со неа како и дека на 18 мај, годинава, се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.
„По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26 јуни годинава издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација по која се постапува,“ додава обвинителството кое исто така открива дека Росица на 25 март година го пријавила Илија во МВР за обид да биде задржана против нејзина желба во стан во Скопје кога и била нанесена лесна телесна повреда додека тој поднел пријава до скопското јавно обвинителство за лажни пријави со цел да му изнуди пари.
„Обвинителството ја отфрлило кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува. На 09 септември, годинава, оштетената даде исказ во ОЈО Скопје и се изјасни дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот,“ додава велешкото јавно обвинителство.
Убавка Јаневска


