Велешка болница соопшти дека подобро е здравјето на седум месечното момче, оставено на С`рмаале на пеколната жештина, бебето е без идентитет
Се подобрува здравствената состојба на бебето што пред четири дена, изминатиов четврток, во попладневните часови, две жени го донесоа во Општа болница Велес. Жените беа случајни минувачи кои го спасија од смрт оставеното седуммесечно момче. Лекарите и медицинскиот персонал на Детско одделение биле максимално посветени прво да го хидрираат и вратат во живот а сега да му ги излекуваат раните по телото и по екстремитетите. Неговата здравствена состојба е стабилна, изјави денеска портпаролката Марина Андова.
Мајката се појавила на Детско одделение само во четвртокот, на 11 јули, вечерта. Здравствените работници, направиле отстапка кога и дозволиле да легне во креветот до своето дете со цел да го почувствува и можеби да остане со него додека трае лекувањето. Таа добила и оброк а потоа заминала и до денеска не се појавила во болничката соба.
Медицинскиот персонал на Детско одделение го лекува бебето, тешко само четири килограми, без да го знае неговиот идентитет. Поточно дава здравствена грижа и нега на бебе кое нема регистрирано име и презиме, ни Извод од матична книга на родени ниту здравствена легитимација.
Според СВР Велес, полициски службеници работат на расветлување на случајот и веќе поднеле комплетна документација до Основно јавно обвинителство Велес. Јавната обвинителка,Цветанка Богоевска за Дума.мк соопшти дека била започната предистражна постапка во која освен СВР Велес и ОЈО Велес вклучен бил и Центар за социјални работи Велес.
-Мајката е достапна за органите на прогон. Сите три институции значи МВР поточно СВР Велес, ОЈО Велес и Центар за социјални работи Велес се вклучени во предистражната постапка којашто ја отвори обвинителството. Се прибираат докази и ќе се утврдуваат елементи за евентуален кривичен прогон, рече обвинителката Богоевска.
Велешкото Обвинителство дало насоки како да постапуваат инволвираните институции во овој немил случај во Велес. Надлежноста во делот на лекувањето на бебето е на Центар за социјални работи Велес. Безуспешни беа денеска обидите на Дума.мк за контакт со оваа институција од која граѓаните очекуваат одговори,кои нема да ја попречат истрагата, но се однесуваат на лекувањето, на грижата и на негата на бебето, дали државата ќе го пријави и ќе му обезбеди идентитет во МВР, поточно СВР Велес, дали има потреба од дополнителна прихрана која му е неопходна или за нега, за по брзо заздравување односно потребна ли е граѓанска помош за малиот јунак да ја надмине по лесно и по брзо состојбата во која се наоѓа.
Како што дозна Дума.мк, од свои извори, мајката не се сеќавала на денот на неговото раѓање ниту на здравствената институција во која го родила бебето. Единствено рекла дека е од Битола.
Убавка Јаневска