Велешката чалгија, по еден век и за ќеиф на Велешани, повторно има Чалгаџија на канун (видео и фото)

Чалгаџијата Муамер Елезовски се врати во Велес од Германија и го донесе музичкиот инструмент канун. Овој Чалгаџија е дел од Велешка чалгија засега составена од уште двајца музичари, Чалгаџии, Трајче Симонов и Демир Асанов, коишто на веселбите на Велешани им даваат посебна музичка убавина. Сега звуците кои ги произведува инструментот канун, заедно со колегите задолжени за кемането, виолината, кларинетот, тарабуката и дајрето, го има орјенталниот израз, што при изведбата на најпознатите велешки песни „На Којник дуќан да имам“, „Сејмен да шетам по Бузаана“, „Ај што убаво одат Велешките моми“, „Се посврши Сербез Донка“ или „Кажи, кажи Миневер“, „Дајлер, дајлер“ и други умеат да го препознаат љубителите на Чалгаџиската музика во Велес.
Канунистот Муамер, за Дума.мк, раскажува како успеал во Германија да го купи и да ја усоврши умешноста вешто да преминува по жиците на канунот со напрстоците на прстите за да ги весели своите сограѓани.
На репертоарот на Велешка Чалгија освен традиционалните велешки песни се наоѓаат и ората. Нема веселба во Велес на која Чалгијата е повикана без да го изведе „Рамното Велешко оро“, рече Трајче Симонов. Тој додава дека повозрасните Велешани, за разлика од помладите, се тие коишто ги покануваат и сакаат традиционална веселба со ќеиф на која освен што умеат да се веселат сеуште ја одржуваат музичката чалгаџиска традиција во градот.
На виолина, џумбуш, ут, како орјентални инструменти и на тамбура и бузука, музицира Чалгаџијата, Демир Асанов. Тој потекнува од велешко чалгаџиско семејство и внук е на познатиот Чалгаџија, Реџеп Пампур. Пампуровци и Мачевци се сметаат за наследници на најпознатите велешки Чалгаџии, Ало со татко му Јован Тончов и нивните Чалгаџиски тајфи.
Освен Тапанџиите и Зурлаџиите или Трубачите, коишто како изненадување за младенците, се покануваат на велешките свадби можеби шанса треба да им се даде и на велешките Чалгаџии, кои засега најчесто го означуваат почетокот на веселбата во домовите на Велешани. Чалгаџиите сметаат дека традицијата на овој посебен вид народна музика можат да ја негуваат на разни видови на забави и во хотелските сали.
Убавка Јаневска
