Велешката Гимназија го одбележа празникот на патронот Кочо Рацин и со театарска претстава „Кој го уби сонцето?“ ( видео и фото)
„Благодарен сум што сум директор на училиште кое што е многу повеќе од воспитно образовна институција,“ рече Иле Попов директор на СОУ„Гимназија Кочо Рацин“ во Велес на почетокот на своето обраќање, вчера вечер, на големата сцена на Театар Џинот, по повод одбележувањето на патрониот празник. Помеѓу другото, Попов додаде дека велешката Гимназија е симбол на извонредност, истрајност и визија којашто повеќе од еден век инспирира безброј генерации да ги следат своите соништа и да создаваат иднина осветлена со иднина и успеси.
Велешката Гимназија, годинава, за крај на повеќедневните активности со коишто го одбележа патронатот го избра прикажувањето на театарската претстава „Кој го уби сонцето?“ комплетно подготвена од учениците под менторство на професорите по Македонски јазик и со напишан драматуршки текст на ученикот Кристијан Мартинов.
Велешките Гимназијалци на публиката и приредија несекојдневна вечер додека ги говореа монолозите и дијалозите,пропратени со глума за која може да се констатира дека посветиле огромен труд но и со музички изведби на исто така ученици под менторство на професорите.
Во фоајето на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ беше преставена изложба на учениции чија мотивација е нивниот патрон, Коста Солев Рацин, како и најновиот број на училишниот весник „Гимназијалец“.
Убавка Јаневска