Велешката „Питијада 2025“ со богата музичка програма – доаѓаат Калиопи, Северина и Бајага!

Во моментов се поставува бината за велешката „Питијада 2025“ на којашто ќе се одржи богата музичка програма. Три дена велешани но и сите гости од државата ќе можат да уживаат во музичкиот репертоар кој ќе ги задоволи сите генерации од најмладите до оние што сакаат народна или современа музика.
Годинешната програма официјално започнува утре, на 10 октомври во 17:45 часот и свечено ќе ја отворат околу 230 дечињата од детска градинка „Димче Мирчев“ кои имаат подготвено специјална програма. Веднаш потоа, во 19:00 часот следува сечењето на големата пита која и оваа година ќе го надмине минатогодишниот рекорд и сите собрани средства од поделената пита ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Потоа програмата продолжува во 19:30 часот со велешката група „Соната“ на којшто специјален гостин ќе им биде Перо Христов, веднаш потоа следуваат милениците на тинејџерската публика „Два бона“ кои својот настап ќе го започнат во 20:45 часот. Сцената во 22:00 часот ќе биде препуштена на „Куку Леле“ и со почеток во 23:30 часот првата вечер ќе ја заврши македонската дива Калиопи.
Следниот ден, во саботата, во 12:00часот започнува програмата за најмладите велешани, поточно во нивниот град доаѓаат Стела и Сани со нивна музичка програма. Вечертната програма започнува во 19:00 часот со Кате и Ѓоко Ѓорчев, потоа во 20:15 следува настапот на Пајак, во 21:30 сцената ја презема нашата велешка музичка ѕвезда Мики Секуловски и втората вечер ја завршува балканската ѕвезда Северина која со својот настап ќе започнме во 23:15 часот.
Последниот ден од годинешната питијада, недела, ќе започне во 12:00 часот со детската програма поточно за најмладите велешани доаѓаат славејчиљата од детскиот фестивал „Златно Славејче“. Вечерната програма ќе започне 18:30 часот со настапот на Анета Љумаковска, потоа во 19:45 часот на сцената ќе настапи „Либеро Бенд“, во 21:15 часот забавата ја продолжува Викторија Лоба и крајот на овогодинешната програма го заокружува миленикот помеѓу сите генерации Бајага и неговите инструктори, неговиот настап започнува до 22:30 часот.
На 10 и 11 октомври, петок и сабота, забавната програма ќе трае до еден часот по полноќ додека на 12 октомври, во недела, музичката програма предвидено е да заврши на полноќ.
Стефани Манева


