Велешките Акцијаши ветерани одбележаа седум години постоење на граѓанското здружение (фото)

Објавено: 5 септември, 2025, во 12:06 часот

Кога пред седум години одлучија повторно да ги промовираат вредностите како што се личен и доброволен, поточно волонтерски придонес, во разубавувањето на својот град, на својата и соседните општини поранешните младински активисти и бригадири или  учесници на младинските работни акции ширум поранешната држава всушност ја промовираа мисијата на поттикнување на граѓански активизам со враќање на подзаборавените добри традиционални вредности. Приказната за заживување на идејата дека секој може да биде активен граѓанин и да учествува во собирање смет, уредување на јавни површини, негување на зеленило и паркови како и засадување на што поголем број на дрвја прифатена е од голем број на сограѓани, поддржувачи, кои од ден во ден се приклучуваат во здружението. Акцијашите ветерани станаа препознатливи по реализирање на просечни 20 до 25 еднодневни работни акции, секоја година, со кои се менува ликот на одредени јавни простори во повеќе делови на Велес, на брегот на езеро “Младост“, во Чашка и во комплексот „Спомен куќи во Горно Врановци“. Нивниот волонтерски придонес особено насочен во последните две години во комплексот Спомен костурница во Велес резултира со глетка на уредена парковска површина под самиот културно историски споменик од локално и национално значење.

-Ако потребно е да зборуваме тогаш нема да ги набројувам сите локации во Велес или во Чашка каде што сме оставиле белег со својот доброволен ангажман. Кратко ќе констатирам дека тоа што не прави специфични е нашиот ангажман, одвојување на дел од своето слободно време, преку работа да придонесеме за убави глетки без смет и отпад, на јавните површини како и за повеќе засадени дрвја. Преку Работната бригада која со гордост го носи името на нашиот „Кочо Рацин“  ние сме помогнале на јавните институции како што се Народен музеј и Општа болница Велес каде сме уредиле делови од парковски површини, на брег на езеро „Младост“ каде сме засадиле најголем број на дрвја и садници. Ќе продолжиме и понатаму се со цел да мотивираме што поголем број на сограѓани, возрасни и секако млади, да ни се придружат за заедно да придонесуваме за поубав, почист, поздрав роден град, општина, соседните општини и за државата, рече Горан Петков претседател на ЗГ „Акцијаши ветерани“.

Ова ветеранско акцијашко здружение е едно од осумте формирани во исто толку градови во Македонија кое преку веќе формиран Сојуз во Македонија учествува на бројни собири и акции на акцијаши ветерани во државите како Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Сите тие се дел од едно граѓанско движење кое во последните години има тенденција на омасовување на просторите на поранешната држава, Југославија, со цел враќање на вредностите на доброволната работа или волонтирањето како општо корисна за граѓаните во локалните заедници. Зад нив секако е бригадирското и акцијашко искуството, работата со лопата и копач, ударничките значки и највисоки освоени признанија во едномесечните учества на познатите Младински работни акции а пред нив желбата за што поголем број на приврзаници кои ќе имаат од кого да учат, зошто е потребно да дадеш личен придонес во градот или населеното место во кое живееш, без да очекуваш материјална надокнада.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.