Велешките извидници – речни номади и чувари на природата

Пловеа 34 километри по течението на река Вардар, на потег Таорска клисура – Зелениково – Велес, со цел да промовираат еден од најубавите делови на најдолгата македонска река, идентификуваа потенцијални загадувачи и поставија 15 еко табли со еколошки пораки за зголемување на еколошката свест на сите кои се движат по брегот на Вардар. Вака 24 извидници кој што учествуваа во оваа пловидба, на 3 и 4 октомври, во пет чамци, потсетија на човечката обврска за грижа и чување на природата. Во исто време, нивната изведена речна пловидба им овозможи да бидат учесници и во спортско – рекреативни активности како што се пливање и веслање.
Всушност, велешките извидници кои се нарекуваат речни номади и чувари на природата, реализираа мини регатата за млади членови кои се потенцијални лидери и ќе имаат за цел јакнење на врските со нивните конституенти.

-Оваа активност е во рамки на глобалната иницијатива „Champions for Nature Challenge“ и проектот „Green Skills Rising“ на Сојузот на извидници на Македонија кои што даваат поддршка на млади извидници подготвени да преземат локални еколошки иницијативи и да бидат двигатели на позитивна промена во своите заедници. Станува збор за охрабрување на млади да иницираат мали, но влијателни акции преку кои ќе придонесат за заштита на природата, практикување на одржливи решенија и унапредување на своите зелени вештини, рече Ангелче Гушев, старешина на ИО „Димитар Влахов“ од Велес.
„Champions for Nature Challenge“ е глобална иницијатива развиена од Светската организација на извидничкото движење (WOSM) во партнерство со UNICEF. Оваа програма е дел од пошироката рамка „Earth Tribe“ и има за цел да ги поттикне младите да станат активни учесници во заштитата на животната средина и одржливиот развој.

-Програмата се фокусира на две главни области. Првата, „Подобри избори“ (Better Choices), која се однесува на развој на одржливи навики и одговорна потрошувачка и втората, „Природа и биодиверзитет“ (Nature and Biodiversity), која се фокусира на заштита и зачувување на природните екосистеми, додаде Гушев.
Убавка Јаневска


