Велешките википедијанци учеа за занаетот на последниот ковач во градот

Објавено на 15 април, 2025 во 11:20

Во духот на зачувување на културното наследство и традиционалните занаети, членовите на Вики Клуб Велес, под менторство на професор Лила Арсова, активно учествуваа во едукативна работилница организирана како дел од годишната програма на ГЛАМ Македонија. Темата за оваа година е „Занаети и народни носии“, а настанот се одржа во ковачницата „Ковач Гоце“ во населбата Превалец.

Учениците-википедијанци имаа уникатна можност одблиску да се запознаат со традиционалниот ковачки занает, благодарение на последниот активен ковач во Велес – Гоце Грујов. Тој го наследил занаетот од својот татко Ацо Грујов, кој ја започнал работата уште во 1970 година. Денешната ковачница „Ковач Гоце“ функционира во истиот дуќан а Гоце ја продолжува семејната традиција со истата љубов и посветеност кон занаетот.

За време на работилницата, учениците се запознаа со основите на ковањето железо, видовите алати и машини што се користат во ковачницата – менгемиња, чекани и други специфични алати. Ковачот Грујов демонстрираше процес на загревање, сечење и обликување на метал, овозможувајќи им на учениците директен увид во занаетот каде посебен момент предизвикале звуците на чеканот и огништето.

Настанот заврши со задоволство од двете страни – учениците стекнаа ново знаење и искуство, а ковачот Грујов имаше можност да го пренесе своето богатство од традиција и умеење на новите генерации.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.