Велешките волонтери од Црвен крст со летна програма полна енергија и дружба
Објавено: 4 август, 2025, во 11:22 часот
Смеење, навивање и креативна енергија ја исполнија просторијата каде што младите волонтери од Црвен крст Велес се собраа за уште една од низата летни работилници. Наместо класична едукација, учењето се одвиваше преку игра – со внимателно осмислени активности кои поттикнуваат доверба, тимска работа и фокус.
Во рамките на Летната програма 2025, младинскиот клуб при Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес реализираше работилница во која учествуваа 15 волонтери. Преку игри како „Запознај го другарчето“, каде што учесниците се обидуваа да го погодуваат името на другарчето скриено зад ќебе, па сѐ до „Изброј до 20“ – игра што бара концентрација и тишина, младите беа предизвикани да комуницираат и да соработуваат без зборови и без стратегија.

Посебен интерес предизвика и играта во која не смееше да се изговори бројот 3, 6 или 9 – предизвик што предизвика смеа, но и бараше брза мисла и концентрација.
Работилницата беше целосно организирана и водена од лидерскиот тим и координативното тело на младинскиот клуб, кои континуирано работат на вклучување на младите во позитивни, хумани и забавни активности.

-Преку ваквите работилници младите волонтери не само што се забавуваат, туку учат да соработуваат, да се почитуваат и да делуваат заеднички. Тоа се вредности кои ги градиме од најмала возраст, а се основа за здраво и хумано општество, изјавија од велешкиот Црвен крст.
Работилниците продолжуваат и во наредните недели, со нови игри, предизвици и дружби во духот на солидарноста и младинскиот активизам.
Стефани Манева


