Ветераните на ЗГ„Велешки акцијаши“ бетонираа нова површина кај црква „Света Петка“(видео и фото)
Се бетонира дел по дел од парцелата, која што граѓаните како од Велес така и од останати градови на Македонија, ја користат за застанување и посета на црква „Света Петка“ на јужниот излез од градот. Со денешната доброволна, волонтерска, акција на акцијашите кои се ветерани на ЗГ „Велешки акцијаши“ и гостите од Скопје, Штип, Битола како и двајца од Ниш, соседна Србија, избетонираа нови околу 60 м2 од дворно место на духовниот храм.
Се зависи од количината на градежен материјал што ја донираат граѓани и фирми затоа што ние работиме бесплатно и денеска со купен материјал на фирмата „Димекс“ од страна на сопственикот Борче, одговори претседателот на здружението на прашањето за колку време би можеле да ја исцементираат целата површина до влезната врата на долниот двор на манастирот „Свети Димитрија“.
Материјалот, песок и цемент, го купи донаторот „Димекс“ додека акцијашите веќе го имаат ископано коровот, расчистено од диви растенија овој дел од површината за денеска да ја изведат доброволната, волонтерска, работна акција. Аце Јосев ги покани добронамерните граѓани и фирми да подарат работен материјал како што хуманост за нивната доброволна работа покажуваат и угостители од Велес.
На денешната доброволна акција присуствуваше и претседателот на сојузот на здруженијата на Македонија, Борче Ѓоргиевски. Тој потсети на доброволната работа на истите овие граѓани во поранешната држава,велејќи дека на овој начин продолжува да живее дел од една младост со вистински вредности а тоа се хуманост и доброволната работа, бригадирството и акцијаштвото, со кои што се ставаат на располагање на граѓаните, на локалните заедници и на државата.
Еднаш бригадир, акцијаш и за секогаш учество во доброволна работа, рече Искендер Илијаз ИКЕ кој сега како ветеран живее во Шведска, но со мотив да ги поврзува со дијаспората и помага во мотивацијата на младите луѓе, како денеска Матеј од Битола, да се вклучат во акцијаштвото кое освен доброволна работа нуди можност за пријателство и дружење од Гевгелија до Триглав.
Акцијашите ги чекаат новите донатори кои со нивниот купен трактор песок, вреќа цемент и железна арматура, ќе им овозможат побрзо да го избетонираат просторот за потоа тие заедно, дополнително да го уредуваат со дрвја и оплеменат. На овој начин да го преадаптираат во место за безбедно застанување, посета на манастирот и црквите „Света Петка“ и „Свети Никола“ кои меѓу себе се поврзани, во карактеристичен предел на јужниот излез на Велес.
Присутните акцијаши ветерани од четири градови на Македонија за денешната доброволна акција рекоа дека е подготовка за учество во акцијата за пошумување во Словенија. Акцијата, ќе се одржи околу градот Рибница на Похорје, од 11 до13 октомври, годинава. Организатор е Младинската доброволна бригада „Корошка“ за акцијашите ветерани од поранешните ЈУ републики. Таму од Македонија ќе учествуваат 60 поранешни акцијаши а сега ветерани.
Убавка Јаневска