(Видео и фото) Продолжува бојкот на наставата во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка се додека МОН не се откаже од намерата за паралелката на албански јазик
Учениците нема да одат на настава а нивните родители од понеделник повторно, секојдневно, ќе протестираат во училишниот двор против намерата на Министерство за образование да отвори албанска паралелка во ООУ„Тодор Јанев“. Советот на родители,исто како денеска, така и наредната недела ја очекува поддршката на наставниците кои со откажување да влезат во училиштето сметаат дека им дале поддршка. Настава нема да се изведува се додека шестмината ученици во прво одделение наместо во преадаптираната спална од ученичкиот Интернат, составен дел на училишната зграда, каде новопримениот наставник им одржува настава на албански јазик, не се вратат на настава во училницата за првачиња. Ова беа дел од заклучоците на одржаниот протест на плоштад „Македонија“ во населба Чашка вчера вечер на Советот на родители поддржани од поголем број на жители.
Претседателката Цвета Пешовска во име на Советот се обрати до министерот Јетон Шаќири со прашање дали може да претпостави како тензиите што се создадени и поделбите што се прават се одразуваат врз учениците.
За пратеникот Игор Здравковски случувањата во Чашка се реприза на велешките, од пред некој месец, и биле класичен пример на освојување на територии.
Да се поднесе кривична пријава против ново именуваната директорка на ООУ„Тодор Јанев“ за непочитување на Закон за реонизација и Статут на училиштето предложи Кире Николовски, жител на населба Чашка. Тој му забележа на мнозинството во Совет на Општина Чашка, составено од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, што навреме не реагирало за да се спречат прекршувањата на законите.
Советот на родители,исто така, ги информираше жителите на Чашка како во изминатите пет месеци се случувале законските прекршувања кои довеле до денешната состојба.
Во ООУ„Тодор Јанев“ во населба Чашка во учебната 2023/24 година учат 210 ученици и со 104 во подрачното училиште во село Мелница вкупниот број на ученици изнесува 314. Во населба Чашка настава следат 65 ученици од албанската етничка заедница поточно тие со организиран превоз доаѓаат од населени места Бањица, Отиштино, Горна Чашка, Еловец, Голозинци,Бусилци, Крива Круша и Ново Село. Само шест првачиња од завчера следат настава на албански јазик додека останатите 59 ученици од албанската етничка заедница се оставени да посетуваат настава на македонски јазик. Жителите на населба Чашка се револтирани што поради наводна неверифицираност е затворен интернатскиот дел на училиштето, кој нудеше сместување уште од времето на поранешната држава, во чија една спална соба сега се одржува наставата за шесте првачиња.
Убавка Јаневска