(Видео и фото) Министерот Бочварски на увид во асфалтирањето на улици во Велес, без градоначалникот Колев
По нов асфалт ќе се движат и возат жителите на улиците Андон Шурков, Лазо Осмаков, Орце Мартинов, Живко Фирфоф и дел од Благој Ѓорев во Велес. Инвестицијата на Министерството за транспорт и врски во овој подрзаборавен дел од градот, во којшто испуканиот цемент или ископаниот асфалт беше стар повеќе децении, изнесува 572 илјади евра, соопшти министерот Благоја Бочварски при денешната обиколка на градежните работи. Негов домаќин не беше градоначалникот Марко Колев. Според Бочварски инвестициите во инфраструктурата се од клучно значење за економскиот раст и развој на сите општини во државата.
-Нашата посета денеска во Велес ја покажува силната заложба да обезбедиме подобри услови за живеење на граѓаните, поквалитетна локална инфраструктура, а верувам дека со овие инвестиции го подобруваме и изгледот на градот. До сега тука во Велес ги реконструиравме улиците Андон Шурков, Лазо Осмаков, Орце Мартинов и Живко Фирфоф, со дел од Благој Ѓорев за што инвестиравме 572 илјади евра. Во втора фаза ја реконструираме оваа улица 8-ми Март на која се наоѓаме и денеска и која е веќе е завршна фаза, а по нејзиното завршување продолжуваме со реконструкција и на улиците Луј Пастер и Љубљанска за што вкупно вложуваме 509 илјади евра. Владата, преку Министерството за транспорт и врски продолжува силно да ги поддржува локалните самоуправи, обезбедувајќи им неповратни средства за реализација на голем број на вакви проекти во патната мрежа кои носат значаен бенефит за сите граѓани, рече Бочварски.
Вкупната сума на инвестицијата на Министерството за транспорт и врски за реконструкцијата на улици во општина Велес изнесува еден милион и 100 илади евра, додаде Бочварски додека преку проектот за подобрување на локална инфраструктура во над 60 општини во Македонија инвестирани се 70 милиони евра во над 180 локални улици и патишта.
Убавка Јаневска