(Видео и фото) Жители на велешката Урбана заедница „Речани“ бараат општината конечно да се сети и реализира нивни потреби од улици, комунална инфраструктура или осветлување
Објавено: 15 август, 2025, во 14:28 часот
Граделе убави и нови домови, во изминатите три децении, а живеат без основна инфраструктура. Најголем дел од жителите на велешката населба „Речани“ се движат по земјени и макадам улици, кои се полнат со вода при секој дожд, дел пијат вода наместо од градскиот водовод од сопствени бунари и дел немаат канализациона мрежа.Во оваа населба уличните светилки се бројат на прсти. Жителите на „Речани“ во вечерните и во ноќни часови потребите да излезат надвор од домот ги решаваат со вклучување на светло од мобилен телефон.

Така, велат родителите дека во зима ги пречекуваат децата, кои се ученици, од настава во ООУ „Панко Брашнаров“ а во лето ги испраќаат нешто повозрасните, младите, од дома при нивното вечерно излегување и ги придружуваат до дома околу полноќ кога тие се враќаат.

Овие Велешани, тврдат дека особено не се чувствуваат безбедени кога при влегувањето во населбата пешки го користат влезот преку улицата „ Хаџи Косте “ којашто минува под Железен Мост и е најкратка дестинација да дојдат во Велес или да се вратат дома. Според нивни изјави освен што е прашлива или каллива, оваа улица, мине покрај местото коешто популарно наречено е „Сточно пазариште“ и каде има изградено импровизирани домови и шупи, дел нелегални градби, и во кои сепак живеат повеќечлени семејства во субстандардни услови.

Таму, минењето, за голем број на жители во „Речани“ е најнебезбедно поради бројни полициски интервенции во кои биле барани прекршители на закони и предизвикувачи на кривични дела. Но овие проблеми биле игнорирани од најмалку четири состави на Совет на Општина Велес и од четворица градоначалници.
Овие Велешани како причина којашто ги поттикна за прв пат да говорат јавно рекоа дека е одлуката донесена на последната седница на Советот на Општина Велес со која наместо на цела советниците изгласаа асвалтирање на само 500 метри од прва улица, поточно на „Др Панче Васков“, во нивната населба.
Во вечерната прошетка низ улица „Хаџи Косте“ до раскрсницата со улица „Др Панче Васков“ претседателката на Урбана заедница „Речани“, Снежана Андовска и неколкумината нејзини соработници ги покажаа најтемни места или темните тунели создадени од разгранети и обраснати со диви дрвја како и делови од коловозот којшто е полн со дупки и тежок за пешачење. Тие тврдат дека на тие делови пропаѓаат и неможат од кал да излезат ниту автомобилски гуми или се амортизираат и кршат возила.
Најголем дел од жителите на населбата раскажаа дека нивните нови куќи се изградени на урбанизирани парцели за коишто платиле комунални давачки иако има и градби кои биле изградени без документација но сега веќе биле легализирани. Затоа за нив е нејасно зошто нивните урбанистички и комунални давачки не се доволни за локалните власти, во изминатите најмалку 16 години, да не прифатат и не внесат во годишните Програми за работа на Општина Велес ниту едно од барањата за градење и асвалтирање на улици, за доизведба на водоводната и канализационата мрежа, за поставување на улично осветлување, за изградба на тротоари, поставување на постојки и реализирање на Јавен градски превоз на улицата „Академик Пенчо Давчев“ која рангирана е како регионален пат. Додадоа дека биле сведоци на две последователни асвалтирања на влезната улицата „Димитар Влахов“ во Велес, во временски период од четири години, несватливо им е зошто на пример со вториот асвалт не е покриена барем една улица во нивната населба.

Дума.мк до Општина Велес, пред четири дена, испрати новинарски прашања во кои побара одговор или став за реакцијата на жителите на велешката населба „Речани“. До објавувањето на текстот општината не одговори на прашањата. Доколку стигнат одговори Дума.мк ќе ги објави.

Исто така, населбата „Речани“ е урбанизирана уште во поранешниот општествен систем. Тогашните први луѓе на градот со управувачките состави на раководење презентираа проект според којшто Велес требаше да се шири токму во делот на популарно наречените „бавчи“ или сегашната местоположба на оваа населба. Од тогаш презентирани Детални урбанистички планови, со кои беше направена пренамена на земјоделското во градежно земјиште, во урбанистички плацови, до денеска целосно се реализира само предвидената Индустриска зона. Триесет години потоа не се реализираа вцртаните во плановите изградби на објекти како што се детска градинка, основно училиште или мост што требаше да ја спои населбата „Речани“ со центарот на Велес.
Убавка Јаневска


