(видео) Општина Лозово добива нов модерен плоштад и детско игралиште

Објавено: 22 јули, 2025, во 12:25 часот

Општина Лозово започна со реализација на значаен инфраструктурен проект кој ќе внесе нов лик и енергија во централниот дел на населеното место Лозово. Станува збор за изградба на мал плоштад во близина на кружниот тек над пругата, како и детско игралиште со вештачка трева и безбедносна ограда, наменето за најмладите жители на општината.

Како што соопшти градоначалникот на Општина Лозово овој проект претходно три години по ред бил одбиван од тогашната централна власт, a сега средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа.

Главна цел е уредување на запуштеното општинско земјиште и трансформација на просторот во пријатно, функционално и безбедно место за одмор и рекреација.

Со изградбата на плоштадот, ќе се изврши целосно партерно и хортикултурно уредување на просторот, ќе се постави урбана опрема и јавно осветлување, како и ново зеленило, што ќе придонесе за поквалитетен јавен простор и зголемена чистота.

Локалната самоуправа најавува дека реализацијата ќе се одвива во неколку фази, со цел да се обезбеди квалитетна и трајна инфраструктура. Очекувањата се дека новиот плоштад и игралиште ќе бидат омилено место за дружење, одмор и забава, особено за децата и семејствата од Лозово.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.