(ВИДЕО) Пешачката патека кај Железен мост во Велес злоупотребена за „хиподром“
Спрегнати на запрежна кола, додека сопственикот го возат, коњите што шетаат по маалата и сокаците на месноста „Дворови“ во Велес се снимени и како трчаат во галоп на пешачката патека кај Железен Мост. Мажот што го возат ги удира со камшик. Коњите трчаат уште побрзо додека граѓани џогираат на патеката. Дел од нив мораат да бегаат. Ова го прикажува првото снимено видео од мајки што локацијата ја користат за игра на мали деца.
-Граѓаните што пешачат или џогираат мораат да се тргнат од патеката. Децата наместо игра потребно е да седат или да бидат во наша близина. Единствено кога ќе заврши трката и кога сопствениците на коњите ќе ги остават да пасат може просторот и природата да се користи за рекреација и за игра, рекоа граѓани што ги снимиле видеата.
Според нив, сопственици на трите коња се граѓани што живеат во месноста Рамина во Велес. Тие освен што го злоупотребуваат просторот кај Железен Мост исто така ги малтретираат коњите. На второто видео е снимен дел како еден коњ, со врзана нога, го камшикуваат но и го тегнат за да не трча.
Овие коњи трчаат низ населбата Дворови. Дума.мк веќе пишуваше за поплаката на мајките кои едвај успеале да ги тргнат децата во игра од пред влезните домови. Тие во последни секунди ги спасиле децата од галопот на два коња.
Мајките на децата се обиделе да ја пријават случката и во Општина Велес. Но, според изјавите, не стигнале до општинските службеници кои се надлежни за комуналните проблеми.
Ќе излезе ли на терен општинската администрација за да спречи злоупотреба, несреќа и неред од коњскиот измет како и да се спречи нехуман третман на луѓе над домашни животни,одговор побаравме од Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
-Комуналниот инспектор и комуналните редари во текот на утрешниот ден ќе излезат на терен и ќе ја утврдат состојбата за која помош бараат граѓани од овој дел на градот. Тие ќе постапат според предвидените соодветни законски мерки, рече Коцевски.
Исто така, во решението на овој проблем пожелно е да се вклучат и граѓанските организации кои се грижат за домашните и за бездомните животни. Видеата покажуваат додека граѓаните тврдат дека луѓе нехумано се однесуваат кон животни.
Убавка Јаневска