(Видео) Советничка Митревска: Градежена експанзија во Велес од ноември годинава до втората половина на 2024 година
Во името на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на Општина Велес и коалицијата, координаторката Елизабета Митревска, веднаш по завршувањето на 42 седница на Советот на Општина Велес, во видео изјава ги најави проектите од четирите усвоени развојни програми со кои според неа во целост ќе се променел ликот на градот и ќе влијаат на квалитетот на живеење на вечешани.
„Високо реализираната приходна страна на Буџетот на Општина Велес во изминатиов период создаде стимулативна средина за Градоначалникот и Советот на Општина Велес да планираат Развојни програми кои во целост ќе ја сменат сликата на градот и воедно ќе влијаат на квалитетот на живеење на велешани.
Штотуку финишира Развојната програма која најавуваше реконструкција на дел од улиците кои гравитираат околу новоизградениот градски пазар, поточно : Реконструкција на ул. Петре Прличков, во должина од 221,26 метри. Реконструкција на ул.Кресненско Востание, во должина од 104,42 метри. Реконструкција на ул.Нада Бутникошарова во должина од 161,56 метри и реконструкија на пешачка улица во должина од 177,62 метри“, рече Митревска.
Советничката констатираше дека со донесениот План на програма за развој на седницата, ќе се асфалтирале вкупно 665м. улици во најфрекфентниот дел од градот, кој со години наназад е тесно грло со оштетени улици и новата уличната инфраструктура околу градскиот пазар ќе ги решела долгогодишните проблеми и сообраќајниот хаос за да се создадат услови за непречен пристап на граѓаните, трговците и дистрибутерите до пазарот.
„Втората Развојна програма предвидува од средината на 2024 година да започне проектот за целосно осветлување на Велес, со замена на сите постоечки 4543 натриумови сијалици со LED паметни светилки. Со овој проект ќе се постигне квалитетно осветлување на велешките улици, а воедно за три пати ќе се намали потрошена електрична енергија. Велес ќе добие лик на модерен, убав и светол град, онаков каков што заслужуваат велешани, а воедно и ќе се решат долгогодишните проблеми се улично осветлување. Трета развојна офанзива опфаќа реконструкција на четири улици со вкупна должина од 2.476м. Планирани се следниве, Раштански пат од улица Андон Шурков до Ветеринарната станица, улица Димитар Влахов до кружната раскрсница пред стоковната куќа, улица Борис Трајковски од спојот со АСНОМ до спој со улица Благој Ѓорев, дел од улица Алексо Демниевски Бауман почнувајќи од Пошта, до спој со улица Наум Наумовски Борче со решавање на раскрсницата. Реализацијата на оваа обемна Програма, се очекува да финишира во втората половина од 2024 година, додаде Митревска.
Координаторката на ВМРО – ДПМНЕ констатираше дека со реконструираните улици ќе се создале услови за нормално функционирање на локалната патна мрежа која што во голема мера е оштетена од секојдневното користење како и приклучување на новоизградените објекти на комуналната инфраструктура.
„Со реконструкцијата ќе се добие нов лик на најоштетените делови од сообраќајниците. Почитувани граѓани, многупати за Велес слушавме дека е :
,,Град кој река има но кеј нема,,. За поздрав е последната Развојна програма со која ќе продолжи изградбата на започнатиот кеј со нови 258 м, од Мало мовче до Стар мост, со што речното корито ќе добие достоинствен кеј, кеј за прошетки, спортски активности и други интересни содржини, кеј на кој ќе се родат нови велешки приказни .Велес се сака со работа ! Велес се сака со срце и душа !„, додаде Митреска.
Координаторката на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата констатираше дека како советници работеле за Велес како што заслужуваат граѓаните, велешани.
Стефани Манева