(Видео) Тројца наследници на велешкото акцијаштво: Гоце, Бојан и Васко, волонтери во родниот Велес и учесници на меѓународна работна акција

Објавено: 29 јули, 2025, во 11:46 часот

Овие три млади Велешани имаат по 15 години и искуство во доброволна работа кога од смет се чисти или за почист воздух се пошумува родниот град. Гоце, Бојан и Васко посветено им помагаат на акцијашите ветерани и во потешките работи, за нивна возраст, на локации кога возрасните акцијаши ветерани изведуваат акции, поточно доброволно градат. Сите тројца добро знаат кои се придобивките на акцијаштвото, работните бригади и доброволната работа или волонтерството. За нив награда од повозрасните акцијаши ветерани претставува тоа што им овозможија да учествуваат на меѓународната работна акција „Нови Пазар“ која минатата недела се одржа во овој град, во соседна Србија.

За седумте дена поминати во Нови Пазар, каде учествуваа на акцијата за изградбата на нови 500 м2 плажа на езеро „Газивода“ во местото Рибарице еве што Гоце, Бојан и Васко раскажуваат по враќањето во Велес.

Ова се само тројца од педесетте млади коишто ЗГ„Велешки акцијаши“ во основните или во средните училишта во градот прво ги обучуваше за вистинските вредности со кои можат да им помагаат на своите сограѓани и на Велес, рече Делчо Костов кој е претседател на ова граѓанско здружение.

Костов додава дека Гоце, кој минатата година беше прогласен за „Ударник“ на истата меѓународна акција, Бојан и Васко ќе имаат можност да бидат учесници и на акцијашките средби кои веќе се организираат од Триглав до Гевгелија, во државите кои произлегоа од поранешната, Југославија. И не само тие туку и сите млади следбеници на ова волонтерско движење кое се возобновува на овие простори со цел да понуди можност освен за волонтерски ангажман и за стекнување на работни навики, нови пријателства и другарства како и учество во изградба на родните држави.

Нивното учество како дел од 40 бригадири од Македонска бригада го овековчечија српските медиуми.

Убавка Јаневска

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.