Високите температури го зголемија бројот на повици во велешката Итна помош
Високите температури кои на почеток на месец јуни достигнуваат и до 40 степени се причина за зголемениот број на повици во Итна медицинска помош Велес. Од 3 до 10 јуни, поточно за седум дена, во велешката Итна помош се направени вкупно 658 прегледи и 691 услуги на терен и во амбуланта. Началничката на Итна помош, д-р Василка Пановска Поп – Стефанова, објасни дека најчесто интервенираат поради колапси, покачен крвен притисок кај пациентите, гастроинтестинални тегоби, главоболки и вртоглавици.
-Во извештајот на интервенции од 3 до 10 јуни внесени се 190 дневни прегледи, 246 ноќни прегледи, на терен дневен 86 прегледи и 101 услуга, терен ноќе 59 прегледи и 79 услуги, на домашно лекување 77 прегледи и 104 услуги, дневни услуги 195 и ноќни услуги 212, со што вкупно имаме направено 658 прегледи и 691 услуги, образложува началничката на Итна помош д-р Пановска Поп – Стефанова.
Докторката ги советува велешани да не излегуваат од дома во временски период од 10:00 до 17:00 часот и хронично болните граѓани редовно да ја примаат терапијата. Исто така, сите да конзумираат повеќе течности, овошје и зеленчук и при излегување од домот да носат светла облека.
-За секоја промена на здравствената состојба консултирајте се со доктор, додава д-р Пановска Поп – Стефанова.
Стефани Манева