Вкупно 470 првачиња и 553 средношколци во прва година ја започнуваат новата учебна година во велешките училишта
Од вкупниот број на запишани првоодделенци 470, според листата прикажана од Општина Велес најголем број на првачиња, вкупно 134 оваа година се запишани во ООУ „Васил Главинов“. Второто место на листата според бројот на запишани ученици во прво одделение му припаѓа на училиштето „Блаже Конески“ каде од понеделник ќе започнат на училиште 99 ученици. Дваесет и шест ученици помалку или вкупно 73 се запишани во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, додека за три помалку или 70 првачиња ќе седнат во училишните клупи на ООУ „Панко Брашнаров“.
Во училиштето „Лирија“ во село Бузалково запишани се 60 првачиња, додека во ООУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Горно Оризари запишани се 22 првоодделенци. Најмал број на првачиња има во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ во село Иванковци, таму 12 ученици од понеделник за прв пат ќе седнат во училишните клупи.
Во прва година во учебната 2024/2025 во четирите средни училишта запишани се вкупно 553 средношколци а најголем број од нив, поточно 280 ученици се одлучиле своето образование да го продолжат во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“. Во хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ запишани се 134 ученици, додека во гимназијата „Кочо Рацин“ запишани се 77 ученици. Во економското училиште „Јовче Тесличков“ запишани се 62 ученици.
Стефани Манева