Во Центар за вработување Велес достапна нова мерка за обука и вработување

Објавено: 30 септември, 2025, во 11:30 часот

Сите невработени граѓани од Велес кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд имаат можност да се приклучат на новата активна мерка „Обука на работно место кај конкретен работодавач“, која е дел од Оперативниот план за вработување за 2025 година, спроведен од Агенцијата за вработување на Мкаедонија.

Оваа мерка предвидува практична обука со времетраење до три месеци кај конкретен работодавач, каде што кандидатите ќе се обучуваат согласно програма предложена од работодавачот. За времето на обуката, учесниците ќе добиваат месечен паричен надомест од 12.000 денари, со вклучено осигурување и платен персонален данок.

По завршување на обуката, најмалку 50% од учесниците работодавачот е обврзан да ги вработи со полно работно време најмалку три месеци.

Правото на учество го имаат сите евидентирани невработени лица, особено оние кои припаѓаат на ранливи категории, вклучувајќи ги и корисниците на гарантирана минимална помош, на кои ќе им продолжи исплатата на ГМП додека трае обуката.

Заинтересираните велешани можат да се пријават секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот во Работниот клуб при Центарот за вработување Велес, каде што ќе добијат детални информации и поддршка за вклучување во програмата.

Покрај Велес, мерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ е достапна за сите евидентирани невработени граѓани низ државата преку 30-те Центри за вработување на АВРСМ. Целта е преку оваа мерка да се зголемат вештините и можностите за вработување на невработените лица, особено од ранливи категории и помалку развиени региони, почитувајќи ги принципите на инклузивност, разновидност и регионална рамнотежа.

Јавниот повик е отворен до 30 ноември годинава или до исполнување на предвидениот број на учесници.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.