Во Ликовен салон Велес изложени 34 вредни дела од француската колекција на Музеј на современата уметност Скопје (видео и фото)

Објавено на 16 октомври, 2025 во 11:42

Изложените 34 дела од 30 автори и припаѓаат на една од најрепрезентативните збирки на Музејот на современа уметност во Скопје. Француската колекција опфаќа околу 300 дела од над 150 автори на слики, скулптури и графики, создадени во периодот од 1933 до 1995 година, кои ја прикажуваат тематската и стилска разновидност и виталност на француската уметничка сцена во текот на 20 век.

Според кураторот на Музеј на современа уметност Скопје, Благоја Варошанец, поставувањето на изложбата „КОНТИНУИТЕТИ“ во внатрешноста на државата им дава можност на љубителите на уметноста да се запознаат со дел од ексклузивната збирка, дел од авторите и нивните дела кои се сопственост на оваа културна институција.

Потеклото на колекцијата е поврзано со катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, кога по иницијатива на францускиот писател и критичар Жан Касу и преку ангажманот на првиот директор на МСУ, д-р Борис Петковски, бројни француски уметници подариле свои дела на градот како чин на солидарност. Подоцна, со истражувањето и публикацијата на Силвен Лекомбр, во 2015 година, оваа збирка добива нова научна и историска рамка што го потврди интернационалниот и солидарен дух на музејот како уникатна институција во европски контекст.

Кураторот на Музеј на современа уметност Владимир Јанчевски појасни дека токму преку донација на сопругата на светски познатиот француски сликар и  скулптор   Жозеф Фернан Анри Леже,  создадено 1933 година, велешани имаат можност да видат еден од ексклузивитетите на оваа колекција.

Изложбата го истакнува духот на инклузивност и креативна размена, на француската уметничка сцена на 20 век, потсетувајќи дека уметноста е поле на заедништво и универзални вредности кои се актуелни и денес токму преку делата на Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Ана-Ева Бергман, Зоран Мушич, Марта Пан, Асадур Бездикијан, Зора Стак, Хуан Рабаскал и други. Во 2023 година, изложбата „Континуитети“ одбележа 30 години дипломатски односи меѓу Франција и Северна Македонија и 60 години од скопскиот земјотрес, а во 2025 година беше воспоставена нова соработка со Музејот на современа уметност во Лион. На тој начин, низ различни генерации, личности и институции, се гради континуитет на културен дијалог и меѓусебна поддршка, кој ја потврдува трајноста на меѓународната соработка како темелна вредност на музејот.

Велешани до 24 октомври, ќе можат да го посетат Ликовен салон и да ја разгледаат изложбата.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.