Во Неготино инсталирана хибридна сушара за еколошко сушење земјоделски производи

Објавено на 12 јуни, 2025 во 10:13

Во рамки на регионалниот проект InnoHub, регионалното Здружение на граѓани „Ековита“, кое со години активно работи на заштита на животната средина, инсталираше хибридна сушара за еколошко сушење на земјоделски производи во Неготино.

Како што информираа од здружението, се работи за напредно технолошко решение што користи комбинација од сончева и електрична енергија за ефикасно, економично и еколошки одржливо сушење на земјоделски производи.

-Овој систем овозможува значајно намалување на енергетските трошоци и го зголемува квалитетот и безбедноста на храната. Дополнително, тој претставува значителна поддршка за развој на одржливо земјоделство, особено во руралните средини, посочија од „Ековита“.

Тие додаваат дека проектот е доказ за тоа како иновациите можат суштински да го трансформираат земјоделството.

-Со вакви решенија се создава почиста иднина и се зајакнува локалната економија. Ова е пример како технологијата и екологијата можат заедно да придонесат за подобар животен стандард во заедницата, нагласија од здружението.

Проектот InnoHub се реализира со цел поддршка на иновативни решенија во агросекторот и унапредување на одржливи практики во производството на храна.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.