Во сабота, 15 октомври, „Свети Николе во розево“ (фото+видео)
Розева прошетка низ центарот на градот како и обраќање на Градоначалникот Дејан Владев и на претставничка на мрежа „НИКА“ ќе се одржат во сабота на 15 октомври, во Свети Николе. Тие, како и културно музичката програма со настап на локални музички состави, по трет пат ќе се одржат во месец октомври во Свети Николе како дел од кампањата „Свети Николе во розево“. Со неа неформалната локална група за унапредување на родовата еднаквост – мрежа НИКА, поддржано финансиски од општина Свети Николе, во овој град спроведува кампања за подигање на свеста кај сограѓанките за преветивни прегледи и рано откривање на малигни болести како што е ракот на дојка. Оваа болест последниве години зема замав и е најчеста форма на малигно заболување кај жените, велат од Организацијата на жени во Свети Николе.
-Во рамки на кампањата покрај главниот настан се реализираат и низа на други активности, како што се едукативни видеа за подигање на свеста кај жените за превентивни прегледи, форуми со жени во рурални средини, краводарителска акција, трибини, рече Јасмина Трајчева од Организацијата на жени од Свети Николе.
Настанот е особено значаен и со него исто така се дава поддршка во борбата против опаката болест на голем број на жени коишто ја водат најтешката битка во животот. Организаторите очекуваат големо присуство на жени од градот и пошироко заради фактот што со присуството ќе ги добијат потребните информации како да се заштитат и навремено да откриваат симптоми кои ќе спречат болеста да земе поголем замав.
Стефани Манева