Во спортската сала „Гемиџии“ во Велес закажани два концерти на српски пејачи, склучени договори и за други во 2026

Објавено на 17 јуни, 2025 во 12:42

Во Спортската сала „Гемиџии“ во Велес закажани се два големи концерти – на Саша Матич на 18 октомври и на Светлана Цеца Ражнатовиќ на 1 ноември 2025 година. Билетите за концертот на Цеца се веќе пуштени во продажба, а најавите предизвикаа реакции и интерес во јавноста.

Поради зголемениот интерес и отворените прашања Дума.мк испрати новинарски прашања до ЈП Парк, спорт и паркинзи Велес кое стопанисува со салата. Оттаму информираа дека имаат потпишано договори со две приватни фирми за изнајмување на салата за музички настани, вклучувајќи и дополнителни концерти кои засега не се јавно објавени.

-Во овој момент ЈП Парк Спорт и Паркинзи има потпишано два договори за организација на музички настан – концерт и тоа со „Друштво за организирање настани и услуги ЕВЕНТРИС ОРГ ДОО Велес“ за еднократен закуп заради организирање на два музички настани – концерти за 2025 година, и најмалку три музички настани – концерти од комерцијален или културен карактер во 2026 година. Исто така ЈП Парк Спорт и Паркинзи потпиша договор за краткотраен закуп на спортскиот простор од објект – спортска сала „Гемиџии“ Велес со „Друштво за производство, трговија и услуги АВАНГАРД ХАУС ПРОДАКШН ПЛУС ДООЕЛ увоз-извоз Гевгелија“, за еднократен закуп заради организирање на музички настан – концерт за 2025 година, со можност договорот да се продолжи и за 2026 година, објаснуваат од ЈП Парк, спорт и паркинзи.

Во однос на изборот на изведувачи, од претпријатието велат дека тоа не е во нивна надлежност и како главна причина за овие соработки со приватни организатори ја посочуваат потребата од приходи.

-Дали се пејачите српски, хрватски или било која друга националност или кој жанр исполнуваат – ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес воопшто не навлегува во таа тема. Единствена причина поради која ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес се обидува да привлече агенции за вакви или слични музички или културни настани е – единствено финансиска. ЈП Парк Спорт и Паркинзи Велес е во релативно тешка финансиска состојба и било какви комерцијални настани во салата ќе донесат дополнителни приходи кои ќе ја подобрат работата на ЈП, а со тоа и условите за спортување на клубовите и рекреативците, додаваат од ЈП Парк, спорт и паркизни.

На прашањето дали е планирана реконструкција на салата, од претпријатието велат дека, иако постојат усмени најави, сè уште немаат добиено никаков официјален документ за реконструкција.

-Во овој момент ЈП Парк Спорт и Паркинзи освен усмени најави, нема добиено никаков писмен документ за било каква реконструкција на салата, иако и ние слушаме најави за „реконструкција“. Реконструкција на СЦ „Гемиџии” и тоа како е потребна, но за жал сеуште немаме добиено никакви информации по тоа прашање. Единставената реконструкција на СЦ „Гемиџии“ по пауза од 10 -тина години е направена по пат на јавен оглас каде е реконструирана источната страна на салата и која во овој момент привлекува голем број на млади Велешани. Повторуваме до ЈП Парк, спорт и паркинзи Велес до овој момент нема никаква најава за било каква реконструкција, објаснуваат од ЈП Парк спорт и паркинзи Велес.

Иако се познати датумите и изведувачите за двата концерти оваа есен, сè уште не е објавено кои музички ѕвезди ќе настапуваат на дополнителните концерти, предвидени со договорот за 2026 година.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.