Во тек геодетското мерење за нов цевковод од ХС „Лисиче“ – ќе се наводнуваат 3.500 хектари во велешко

Објавено на 29 мај, 2025 во 14:27

Започнаа геодетските мерења за трасирање на нов цевковод за наводнување, како дел од големиот проект за искористување на водите од Хидросистемот „Лисиче“. Со овој систем ќе се опфатат околу 3.500 хектари земјоделски површини во поширокиот регион на Велес.

Цевководот, кој ќе започнува од селото Лисиче и ќе поминува низ Голозинци, Еловец, Чашка, Отиштино, Сливник, Клуковец, Горно Оризари, а ќе завршува во Раштани, ќе има и секундарни мрежи за дистрибуција на водата до земјоделците. Покрај тоа, планирана е изградба и на три мали хидроцентрали на браната.

Директорот на ЈПВ „Лисиче“, Ване Маневски, информира дека проектот доби значителен напредок во последната година, откако беше препознаен како капитален од актуелната Влада. Тој очекува целосната реализација да заврши во наредните две до три години.

Проектот е дел од националната Програма за наводнување и се финансира преку заем од германската КФВ банка, со поволен рок на отплата од 15 години, од кои 5 се грејс период. Дел од средствата се обезбедени и како грант, како и од буџетот на Владата.

Во моментов, со постојниот цевковод од ХС „Лисиче“ се обезбедува вода за пиење за градот Велес, а во ограничен обем и за наводнување. Новиот систем ќе овозможи водата од постојниот цевковод целосно да се користи за пиење, додека земјоделците ќе добијат посебна инфраструктура за наводнување со значително поголем капацитет.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.