Во Велес има кражби од државен имот или на јавно добро но никој не ги пријавува во полиција

Објавено на 23 мај, 2025 во 13:31

Само кражбата на дел од лимената врата на деловниот објект, барака, на улица „Страшо Пинџур“, во сопственост на државата поточно на АД за станбен и деловен простор, пријавена е во велешката полиција. Во Сектор за  внатрешни работи Велес досега нема пријави од граѓани или институции за кражби на канти за смет и на цвеќе. Иако совесен Велешанец сними и јавно го објави на социјалната мрежа Фејсбук, граѓанинот којшто украде цвеќе од градска жардиниера, по што следеше лавина на коментари и јавна осуда за стореното, ниту еден Велешанец или институција до денеска не поднеле пријава во Полициска станица Велес.

„ Ве информираме  дека до овој момент, во СВР Велес не е евидентирана пријава на кражби и оштетувања на садови за собирање на комунален смет, дека не е пријавен случај на кражба на цвеќе од жардиниери и дека по писмен пат, пријавена е кражба на лимен излог од необезбеден објект на улица „Страшо Пинџур„ во Велес зашто се преземаат мерки за расчистување на настанот,“ пишува полицијата во одговорите на новинарските прашања на Дума.мк.

Прашањата беа поставени откако граѓани во личен контакт со новинарите на Дума.мк побараа да обезбедат одговори од институциите како што се Сектор за внатрешни работи Велес и од Општина Велес. До објавувањето на информацијата општината не одговори на поставените прашања дали можеби ја пријавила јавно објавената кражба на цвеќе и има ли предлог решение за овој вид на проблеми на територијата во градот.

За жал досега не се пријавени во полиција ниту кражбите на металните делови од излозите на деловните простори, во сопственост на државата, во редот кај Стар Мост. Во нив има расфрлани предмети и многу смет. Со нив стопанисува АД за станбен и деловен простор.

На дел од граѓаните кои покажуваат, на некој начин одговорност со тоа што сепак бараат од новинарите да ги прашаат институциите зошто дозволуваат уништување на јавно добро, државен имот или добро, им го пренесуваме ставот на полицијата:

„СВР  Велес апелира до граѓаните и правните субјекти сите случаи на оштетување или одземање на јавен или приватен имот навремено да ги пријавуваат, со цел поефикасно постапување и спречување на вакви појави“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.