(видео) Во Велес одржан стручeн настан за рана развојна проценка кај деца

Објавено на 4 јуни, 2025 во 15:05

Во големата сала на Општина Велес се одржа стручниот настан на тема „Од идентификација до интервенција: рана развојна проценка во пракса“. Настанот ги собра образовниот, здравствениот и стручниот кадар од Велес, со цел да се разговара за значењето на раната проценка и интервенција кај деца со развојни потешкотии.

Преку предавања и дискусии, учесниците имаа можност да разменат искуства, да учат едни од други и да придонесат кон заедничка цел – подобра иднина за децата. Предавачи на денешната дискусија беа д-р Биљана Аризанкоска Ефтимова – психијатар и м-р Анита Нацевска, специјален едукатор и рехабилитатор од Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација – Скопје.

Матичните лекари беа истакнати како едни од главните водачи во процесот на рана детекција и упатување на децата со сомнеж за развојни потешкотии. Во изјава за Дума.мк д-р Биљана Аризанкоска Ефтимова психолог, истакна дека доцнењето во развојот кај децата често е поврзано со прекумерната изложеност на екрани и технологија и дека раната возраст од 0 до 3 и од 3 до 6 години е клучна. Тоа се два критични периода преку кои се спроведуваат посебни програми и колку порано се забележи доцнењето, толку поефикасна е интервенцијата.

Меѓу присутните беа претставници од основните и средните училишта, воспитувачи, педагози и психолози од градинката „Димче Мирчев“, матични лекари, педијатри, стручни служби од Општата болница Велес, како и тимот од Центарот за стимулација, раст и развој „Старс“. Присуствуваа и логопед, психолог и специјален едукатор од Здравствениот дом, како и претставници од локалната самоуправа.

Настанот заврши со заеднички апел за поголема едукација, меѓусебна соработка и навремено дејствување, како предуслов за здрав и квалитетен развој на секое дете.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.