Во велешката Локална библиотека се одржа промоција на народното културно наследство на Долни Полог (фото)

Mладиот и надежен фолклорист на КУД „Коле Неделковски од Велес, Христијан Саздовски во соработка со Бобан Трпковкси од ФА „Гласоечки Собор“ од Долни Полог беа организатори на несекојдневен културниот настан во Велес поточно на промоција на „Народното културно наследство во Долни Полог: Ревија и краткометражен филм на Бобан Трпковски“.

Присутните имаа можност да го проследат празнувањето на верскиот празник Ѓурѓовден во Долни Полог преку краткометражниот филм во режија и на сценарио подготвено од Бобан Трпковски.

По особено посветеното внимание и трпеливост на публиката на проекцијата на филмот следеше ревија на народни носии од етничкиот предел Долни Полог преку кои што беше прикажан социјалниот статус на жената во едно општество, во повеќе животни фази, од мало девојче до жена во жалост.

– Настанот беше успешен, одлично беа прифатени филмската проекција а потоа и носиите преку ревија. Помеѓу присутните имаше и голем број на млади пред кои ја прикажавме и тие се запознаа со културната традиција на градот Тетово. Во иднина ќе има и други вакви настани поврзани со културното наследство на другите градови од Македонија, рече Саздовски.

Настанот заврши со изведби на традиционални мелодии од страна на Оркестарот за традиционални инструменти при ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес.

Учесниците на овој настан добија Благодарница по што ја разгледаа и изложбата на книги од областа на фолклорот во сопственост на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
Стефани Манева
