Во Велешкиот музеј започнаа истражувања на праисториски метални артефакти

Објавено: 24 јуни, 2026, во 11:35 часот

Во просториите на Велешкиот музеј, каде што минатото се чува, а сега и научно се „раслојува“ до најситни детали, беа спроведени истражувачки активности на археолошки предмети во рамки на проектот „Интердисциплинарни анализи на праисториски метални артефакти од Република Северна Македонија“.

Проектот е дел од Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за 2026 година.

Активностите се реализираат под раководство на Милан Митовски, со учество на повеќе музеи од земјата, меѓу кои и Велешкиот музеј, што овозможува поширок и координиран пристап во истражувањето на праисториското наследство.

Во рамки на Велешкиот музеј, за одговорно лице за реализација на проектот е именувана д-р Анита Василкова Мидоска.

-Целта на оваа активност е проучувањето на почетоците на праисториската металургија во Македонија од доцниот неолит (5200 год. п.н.е.) до доцното бронзено време (1200 год. п.н.е.) преку хемиска анализа на металните артефакти од посочениот период. Во рамки на проектот на дел од селектираните археолошки предмети беа извршени неинвазивни односно недеструктивни анализи преку аналитички мерења користејќи ја техниката Рендгенска флуоросценција (XRF) и испитувања со оптички микроскоп, соопштија од ЛУ Народен музеј Велес.

Анализите ги изврши д-р Катрин Јулија Вестнер, научен соработник во Германскиот музеј на рударството во Бохум, специјализирана за работа со pXRF техника и металографски испитувања.

Со овие истражувања ќе започне да се создава база на податоци за анализираните метални артефакти од праисторискиот период во Македонија која што ќе биде основа за понатамошно надградување и истражување.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.