Во велешкиот Средношколски дом „Лазар Лазаревски“, во првиот рок, конкурирале 50 отсто повеќе средношколци за сместување од минатата година
Објавено: 17 јули, 2025, во 10:45 часот
Сто педесет и пет средношколци кои се запишале или учат во четирите средни училишта во Велес но живеат во населените места на територијата на општина Велес или соседните аплицирале во првиот рок за сместување во Средношколски дом „Лазар Лазаревски“. Тие се примени и ќе ги користат бесплатно услугите за сместување и храна. Во вториот рок за аплицирање којшто се очекува Министерството за образование да го отвори на 29 јули ќе можат да конкурираат уште 66 средношколци.
Директорот на велешкиот средношколски дом, Александар Каракачанов, задоволен е од покажаниот интерес и очекува дека на вториот повик на министерството ќе се пополни вкупниот капацитет кои изнесува 221 легло во домот.
-Ако минатата година, велешкиот средношколски дом имаше 104 средношколци кои ги користеа услугите сега, во рамки на првиот уписен рок примени се 155 средношколци. Сметам дека на вториот повик од страна на Министерство за образование ќе се пополни комплетниот капацитет. Тоа што го поттикна интересот секако е одлуката на министерството со која што користењето на платен превоз за средношколците ќе се регулира откако ќе се пополни сместувачкиот капацитет не само на велешкиот туку и на останатите средношколски домови во државата. Конкретно тоа значи дека учениците којшто се средношколци ќе можат да конкурираат за платен ученички превоз ако не успеат да се сместат во средношколски дом, додаде Каракачанов.
На вториот повик на МОН учениците ќе можат да аплицираат само онлајн. Партиципацијата којашто ја плаќа државата преку ова министерство изнесува 11 илјади денари по средношколец, корисник на услуги на домот.
Според Каракачанов, исто така, годинава министерството со партиципација ги покрива потребите на средношколските домови за 12 месеци, значи и за месеците јули и август. Овие институции до минатата година добиваа партиципација за 10 месеци, времетраење кога издаваат услуги на средношколци и не добиваа партиципација за преостанатите два месеци во лето. Тогаш немаше пари за плати на вработените како и за комунални трошоци па решението се бараше преку изнајмување на просторот на разни манифестации кои се организираа во општините за да се обезбедат потребните финансиски средства.
Во Средношколски дом „Лазар Лазаревски“ вработени на неопределено време се 12 воспитувачи и технички персонал, заедно со директорот, додека времено ангажирани се по еден хигиеничар и чувар.
Убавка Јаневска


