Волонтери на Црвен крст Велес делат вода и совети за заштита од жештините
Објавено: 8 јули, 2025, во 12:48 часот
Во услови на високи температури и најавен топлотен бран, волонтерите на Општинската организација на Црвен крст на РСМ – Велес спроведоа теренска акција насочена кон подигнување на свеста кај граѓаните за заштита од жештините.
Членовите на Клубот на млади делеа флаширана вода и едукативни флаери со информации за правилна заштита при екстремни временски услови.
-Граѓаните беа информирани за важноста од избегнување напорни физички активности на отворено, потребата од постојано внесување течности, избегнување на мрсна и тешка храна, како и значењето на носењето светла и лесна облека, заштитни очила и капа при престој на сонце, објаснуваат од велешки Црвен крст.
Акцијата ја реализираа двајца волонтери од Клубот на млади, кои со голема посветеност им приоѓаа на случајни минувачи, пренесувајќи им корисни совети и потсетувајќи ги на важноста од грижата за сопственото здравје за време на високи температури.
Од Црвениот крст – Велес најавуваат дека вакви информативни и хуманитарни активности ќе продолжат да се реализираат и во иднина, во согласност со временските услови и потребите на заедницата.
Стефани Манева


