Врсничка едукација за ментално здравје во ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес

Објавено на 14 октомври, 2025 во 10:11

По повод Светскиот ден на менталното здравје, во ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес се одржа врсничка едукација на тема „Ментално здравје“. Настанот беше организиран од страна на Црвен крст Велес.

Во текот на едукацијата, учениците активно разговараа за стигмата и предрасудите поврзани со менталното здравје. Тие споделија и корисни совети и начини како секој поединец може подобро да се грижи за своето, но и за менталното здравје на луѓето околу себе.

-Разговорите од ваков тип се особено важни, бидејќи ги охрабруваат младите да зборуваат отворено за тоа како се чувствуваат, да побараат поддршка кога им е потребна и да бидат потпора едни на други. Преку врсничката едукација, се гради емпатија, разбирање и заедничка грижа за менталното здравје, изјави Александра Илиевска од велешкиот Црвен крст.

Едукацијата беше спроведена од страна на врснички едукатори од Клубот на млади на велешкиот Црвен крст, кои преку интерактивен пристап им овозможија на своите врсници да се вклучат, да споделат мислења и искуства и да се информираат за важноста на психо-социјалната поддршка.

Оваа активност претставува дел од пошироките заложби на Црвениот крст за унапредување на психо-социјалната благосостојба на младите и промоција на отворена комуникација за менталното здравје во образовните институции.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.