Во Неготино водата има невообичаен мирис и вкус, ЈП „Комуналец“ ја забрани за пиење

Објавено: 18 септември, 2025, во 14:17 часот

Жителите на делови од Неготино се соочуваат со проблем со квалитетот на водата за пиење, откако Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ соопшти дека водата има мирис и вкус од непознато потекло. Веднаш е издадена забрана за нејзина употреба за пиење, а на терен се вршат вонредни проверки и анализи.

Според информациите објавени на официјалната страница на претпријатието, загадувањето е забележано во неколку улици, и тоа: Индустриска, Маршал Тито, 29 Ноември, 11 Октомври, Никола Петров, Манчо Малиминов, Душан Јуруков, Димче Мирчев, Гоце Делчев, Питу Гули, Васка Калајџиска и улицата Антигона.

Во соработка со Центарот за јавно здравје – Велес и други надлежни институции, се земаат мостри од водата за лабораториска анализа со цел да се утврди причината за загадувањето. Во меѓувреме, екипи на „Комуналец“ се на терен и работат на откривање и санирање на потенцијалниот дефект.

Од претпријатието упатија и апел до граѓаните, особено до оние кои во моментот варат ракија:

-Ги замолуваме граѓаните од овој дел на градот да не ја користат водата за пиење за ладење на казаните, ниту да оставаат црева во резервоарите за ладење. Во такви ситуации постои ризик од создавање вакуум и повлекување на нечиста вода назад во градската водоводна мрежа, што може да предизвика дополнително загадување. За вакви прекршувања ќе следуваат соодветни санкции, изјавија од ЈП „Комуналец“.

Оттаму нагласуваат дека се прават максимални напори проблемот да се реши во најкраток можен рок, и ги повикуваат сите граѓани кои имаат какви било сознанија или забелешки поврзани со случајот, веднаш да се обратат до претпријатието.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.