Закани за бомби во неколку училишта во Кавадарци
Рано утрово, евакуирани се ученици од неколку основни и средни училишта во Кавадарци откако на службените електорнски пошти пристигнал маил со закана за поставени бомби. Во тек се антитерористички проверки во училиштата напиша на фејсбук профилот градоналачникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев. Тој воедно упати апел до родителите на учениците да не подлегнат на паника.
-Евакуирани се ученици од ООУ ,,Тоде Хаџи Тефов’’ Кавадарци, подрачно училиште во село Бегниште, основното ,,Димката Ангелов Габерот’’ во Кавадарци, подрачното училиште во село Сопот, ,,Страшо Пинџур’’ во Кавадарци како и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново. Потоа СОУ Гимназија ,,Добри Даскалов’’ во Кавадарци, СОЗШУ ,,Ѓорче Петров” и СОУ ,,Ќиро Спанџов Брко’’. Во село Марена евакуирана е и градинката, поради непосредна близина на објектот до подрачното основно училиште, напиша во статусот на Јанчев.
Од Сектор за внатрешни работи Велес соопштија дека случајот во Полициска станица Кавадарци бил пријавен утрово околу седум часот како и дека веднаш пристапиле кон мерки за расчистување на случајот.
Стефани Манева