Запишани, засега, 435 деца во прво одделение во Општина Велес
Во четирите градски основни училишта, „Панко Брашнаров“, „Св. Кирил и Методиј“, „Блаже Конески“ и „Васил Главинов“ како и во руралните „Рајко Жинзифов“, „Стојан Бурчевски Буридан“ и „Лирија“ запишани се вкупно 435 деца во прво одделение , во учебната 2024/25 година. Од вкупниот број, 375 деца во прво одделение, ќе учат на македонски јазик.
Исто така, на албански наставен јазик запишани се 60 деца во прво одделение кои ќе учат во основното училиште „Лирија“ во Бузалково со двете подрачни, во селата Сливник и во Клуковец.
Ова не се конечни бројки затоа што во тек е запишувањето на децата во прво одделение и родители сеуште ги обезбедуваат потребните документи согласно Закон за основно образование. Според изјавите на директорите на општинските основни училишта конечната бројка на запишани ученици во прво одделение ќе ја имаат на крајот на месец август, годинава.
Убавка Јаневска
.