Започна да се гради „Мала Америка“ во Кавадарци (видео и фото)
Со поставување на камен темелникот денеска во Кавадарци на атрактивна површина започна изградбата на проектот „Мала Америка“, вреден околу 35 милиони евра. Се гради современ станбено-деловен комплекс со вкупна површина од околу 65.000 м2.
Комплексот кој располага со три станбени објекти и еден деловно-трговски објект, инвеститорот вели дека има идеа да го генерира новото урбано живеење во градот и пошироко, да привлече туристи и да ја подигне свеста за комфор на повисоко ниво.
Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел во сослужение на свештеници од епархијата чиноначалствуваше со чинот на осветување на камен темелникот. Упати благослов до инвеститорот за успешно да се реализира целиот проект.
Желбата на еден кавадарчанец кој успеал надвор од нашата земја, кој успеал во светот а сака да остави голем белег во своето родно место, е за почит. Трајче – Зуко, живее и работи во Америка заедно со семејството повеќе од 20 години. Каде и да е , на крајот од денот, каменот си тежи на местото, а за Кавадарци тој ќе рече: “Претпочитам да се враќам во Кавадарци што почесто и секако на било каков можен начин гледам да придонесам кон развивање на општествено економскиот живот овде.
Кавадарци се развива, Кавадарци расте и е се поблиску до поголемите европски градови, а за тоа зборуваат големиот број проекти, развивањето во секое поле, невработеноста и уште многу многу причини, благодарение на нашиот градоначалник Митко Јанчев“ вели Ристовски.
Градоначалникот Митко Јанчев посака успешна градба. Истакна дека овој проект е од големо значење за општина Кавадарци.
„Ако до пред седум години, Кавадарци не го даваа ниту на временската прогноза, денес имаме информација за Кавадарци и на СНН. Тоа е успех за сите нас. Инвестицијата на Трајче за Кавадарци значи многу. Со оваа инвестиција од 35 милиони евра, Кавадарци станува центар на Тиквешијата и од околните градови ќе можат да доаѓаат и да не посетуваат. Трајче е еден од ретките кој излегол од Македонија, успеал, и имал визија, доверба и храброст, своите пари да ги врати во татковината и да ги вложи во нашата држава. Тоа значи дека имал доверба во Општина Кавадарци – порача Јанчев.
Станбените објекти се со деловна содржина на приземјетo и станбена содржина по седум ката и поткровје, паркинг простор, зеленило и заеднички простори. На деловен простор од 2880м2 и станбен простор од 23500м2 планирани се станбени единици со различни површини и тоа двособни, трособни, четирисобни станови и дуплекси и за сите е обезбеден паркинг простор на две подземни нивоа. За деловно трговскиот објект на површина од 11500м2 обезбедени се деловни, трговски и хотелски содржини проектирани согласно највисоките стандарди за ваков тип на објекти. Објектите се од асеизмички аспект проектирани според сеизмичките стандарди во нашата држава и регионот со што се обезбедуваат сите безбедности мерки за комфорно живеење.
Се очекува молот да биде пуштен во употреба јуни – јули 2025 година, а целиот комплекс до крајот на 2026 година.
Ангел Данов