Започнаа 58. детски Рацинови средби во Велес – со љубов по светлина и со стих по правда
Објавено: 12 ноември, 2025, во 12:32 часот
Во градот каде што зборот првпат прозборел со сила, а песната станала борба и светлина, повторно оживува духот на големиот Коста Солев Рацин. Велес, неговиот роден град, уште еднаш се претвора во сцена на детската имагинација, инспирација и љубов кон уметноста. Детските Рацинови средби, кои годинава го бележат своето 58. издание, започнaa денес и претставуваат синоним за креативност, поезија, едукативност и детска радост – вистински празник на зборот и културата.
Манифестацијата започна утрово со историски час и музичко-поетски колаж во првото училиште на Рацин – ООУ „Св. Кирил и Методиј“, под наслов „Рацин ученик во нашето училиште“. Потоа, во 12:00 часот започна книжевната работилница со роднокрајни автори во ООУ „Блаже Конески“ ќе ги обедини младите љубители на литературата со локалните творци.
Попладнето, во 15:00 часот пред Спомен-Костурницата, ќе се одржи симболичниот настан „Бдеење пред мугрите“ – поворка и поетско будење во чест на „Белите мугри“ и светлината на Рациновиот збор. Денот ќе заврши пред споменикот на поетот кај Гимназијата „Кочо Рацин“, каде младите ќе учествуваат во герила акција и ќе ги изрецитираат неговите стихови.
Утре, 14 ноември, градот ќе заживее во боите на детството. Најмалите велешани од градинката „Димче Мирчев“ ќе го започнат денот со дефилето „Цветен пат за Рацин“, кое ќе се движи кај споменикот кај Гимназијата, на Спомен-Костурницата и пред куќата на Рацин каде ќе се одржи и музички перформанс со МДПС „Премиера“.
Во ООУ „Васил Главинов“ во 12:00 часот ќе се одржат книжевната работилница „Децата од моето училиште“ и едукативната „Волшепството од детски чувари“ со гостување на авторката Јадранка Клисарова. Во истото време во Спомен-куќата на Рацин, членовите на МДПС „Премиера“ ќе го прикажат сценскиот перформанс „На гости кај Рацин“, додека во 13:00часот Градскиот парк ќе се одвива едукативната игра „Пронајди го богатството“, во организација на активот по физичко образование од ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
Во Медијатеката на градската библиотека во 13:30 часот, ќе се реализира креативната симулација „Мојата прва страница“, со учество на ученици и професори, а гости ќе бидат издавачката куќа „Полица“ и авторот Трајче Кацаров.
Во исто време, поточно во 15:00 часот ќе се одвиваат и две уникатни работилници: „Кога зборот станува сила – поетско дрво на зборови“ во книжарата „Збор“, организирана од издавачката куќа „Збор“ и грнчарска работилница во студиото „Толу“, со ученици од ООУ „Панко Брашнаров“.
Петок, 15 ноември, е резервиран за завршницата на манифестацијата и за прославата на зборот што трае.
Во Медијатеката на градската библиотека, во 10:00 часот ќе се одржи тематската средба „Писмо до Рацин – борбата со зборот“, со учество на ученици, професори и автори, а гостин ќе биде писателот Горјан Петревски.
Истовремено, на малата сцена во Велешкиот театар ќе се одржат рецитаторскиот натрепвар за ученици од средно училиште додека еден час подоцна ќе се одржри и ораторскиот натпревар за средношколците.
Во локалната библиотека ќе се одржи средба со автори за децаво период од 10 до 13 часот, додека пред платото на театарот „Ј.Х.К Џинот“, во 11:30 часот Рациновите следбеници од училиштата што го носат неговото име ќе настапат со свои презентации.
Свеченото доделување на наградите ќе биде во 13:30 часот во медијатеката на библиотеката „Гоце Делчев“, проследено со музичко-сценски настап на МДПС „Премиера“.
Завршниот настан „Книжевен ѕид на инспирација“ која ќе се одржи во велешката библиотека во 15:00 часот ќе ја заокружи тридневната програма, оставајќи траен белег од детската љубопитност, имагинација и почит кон делото на поетот.
Велес уште еднаш потврдува дека поезијата не старее. Таа живее во секое дете, во секој збор и во секоја мисла што се бори за светлина – како што тоа го правеше Коста Солев Рацин.
Стефани Манева
програма:






