Затворски казни од по пет години за првообвинетите и казна за фирмата во висина од 300 илјади денари за пожарот на велешко езеро „Младост“

Објавено: 25 јули, 2025, во 15:03 часот

Фирмата „Реал градба“, сопственикот Тасе Илиевски (61) и вработениот Марјан Ангелов (58) виновни се за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ за предизвикување на пожарот на езеро „Младост“ кај Велес, пресуди Основен суд Велес.  Судот во пресудата исто така одлучи дека обвинетите кривичното дело го сториле со умисла и им изрече казна затвор во времетраење од по 5 години на Илиевски и Ангелов, засметувајќи го времетраењето на притвор. На фирмата “Реал градба“ изречена и е парична казна во висина од 300 илјади денари.

Според изречената пресуда од страна на судечкиот судија Бојанчо Донев, обвинетите Илиевски, Ангелов и фирмата „Реал градба“, виновни се затоа што воопшто не постапиле според прописите како што се Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење и Правилникот за безбедност и здравје при работа, кога вршеле брусење и на плац во близина на езеро „Младост“ и од искрите што летнале го предизвикале потпалувањето на тревата. Запалената трева потоа го предизвика пожарот којшто се проширил во неколку крака и ја изгорел боровата шума во близина на населба Отовица, зафатил приватни имоти, објекти на површината на брегот на езеро „Младост“, на север се до село Новачани.

Предизвиканата штета на пожарот проценета е на вкупно 27 милиони 85 илјади и 176 денари. Од вкупната сума штетата на Република Македонија, поточно на оштетеното ЈП „Македонски шуми“ – ШС „Бабуна“, за изгорени дрвја на вкупна површина од 4.765 м3 проценета е на 24 милиони 943 илјади 482 денари.

Останатата предизвикана штета од пожарот, во вредност од 2 милиони 141 илјада 694 денари, причинета е на имоти и објекти во сопственост на физички лица или правни субјекти.

Со пресудата Фирмата „Реал градба“ е осудена на парична казна во вредност од 300 илјади денари со рок на плаќање од 30 дена. Сопствениците на имот зафатен и изгорен во пожарот упатени се своите оштетни побарувања да ги бараат во граѓански постапки пред судот.

Одбраната на осудените Илиевски, Ангелов и фирмата „Реал градба“ најави жалба на Пресудата.

Пожарот за кои беа осудени обвинетите се случи на 26 август 2019 година на езеро „Младост“ кај Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.