Заврши судскиот предмет „Пратеник Јамалов против советник Смилев“, Основен суд Велес пресудата ќе ја објави за седум дена

Со сослушување на сведокот на тужителот, Христина Мирческа Јамалов, денеска во Основен суд Велес, се одржа главно рочиште по прекршочната граѓанска пријава на пратеникот Александар Јамалов против членот на Совет на Општина Велес, Игор Смилев. Јамалов во граѓанска постапка го тужи Смилев „за навреда, за клевета и за нанесување на душевна болка“ поради дадена изјава за весникот „Фокус“ во која што изјавил дека сопругата на Јамалов била вработена во СВР Велес откако тој бил избран за пратеник.
Сведокот Мирческа Јамалов, одговараше на прашања на судечкиот судија Лорета Тодорова и достави докази со коишто тврдеше дека таа не била вработена во минатата туку 11 години претходно, во Министерство за внатрешни работи како дипломец на Факултет за безбедност во Скопје во генерацијата 2010 година. Исто така, додаде дека својата кариера ја започнала како полицајка и сега е Инспектор за странци затоа што имала повеќе унапредувања на база на постигнати резултати, како од претходната така и од актуелната власт во државата. Унапредувања, велеше Мирческа Јамалов, се стекнати во Центар за гранични работи – Полициска станица за гранични проверки на Меѓународен Аеродром Скопје. Сведокот мирческа Јамалов исто така и достави документи кои ќе ги цени судијката Тодорова.
Правниот застапник на тужителот Јамалов, адвокат Аце Николов, во завршниот збор остана на ставот дека тужениот Игор Смилев сторил клевета, согласно Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, преку изнесување во јавност на невистина дека сопругата на пратеникот Александар Јамалов е вработена во СВР Велес откако тој бил избран за пратеник.
-Сопругата на пратеникот Јамалов е вработена во полиција многу одамна, што му беше кажано на тужениот во барањето за извинување и во објавениот демант во весникот „Фокус“. Сопругата на пратеникот подоцна само е распоредувана, неколку пати, како во време на претходната така и во време на актуелната Влада, согласно закони за реорганизација на внатрешна управа и Закон за полиција. Сметаме дека тужениот пред да објави текст за непотизмот во Велес можел да ја провери информацијата со поднесување на барање, до МВР или Агенција за вработување, согласно Закон за пристап до информации од јавен карактер, кога и каде е вработена сопругата на пратеникот. Тужениот го нема тоа сторено, покрај тоа што на некој начин е обврска, и сметаме дека можел да знае за тоа што го изјавува дека е невистинит факт и причинува клевета. Точно е тоа дека тужителот е пратеник и поизразен е на критика но овој навод, оваа клевета, не претставува јавна критика за неговата работа туку изнесување на невистинити работи коишто можеби навлегуваат и во сверата на приватниот живот на сопругата на тужителот, додаде Николов.
Тужениот член на Совет на Општина Велес, Игор Смилев, во судницата остана на ставот дека од сите изведени докази се докажала основаноста на неговото лично тврдење на социјалната мрежа Фејсбук и дадената изјава во весникот „Фокус“. Тој додаде дека негледа во нив клевета или навредлив збор затоашто и сведокот Мирческа Јамалов презентирала доказ дека последното вработување од 30 јули 2024 година и било во СВР Велес со што ја потврдила основаноста на објавениот текст во „Фокус“ и додаде дека во него, во текстот, никаде го немало зборот „нововработена“ туку „вработена во СВР Велес – Отсек економски криминал“.
-Останав на фактот дека нема клевета и навреда. Тоа го докажаа доказите на сведокот, сопругата на тужителот Јамалов, која напомена кога е вработена, на 30 јули 2024 година во СВР Велес – Отсек економски криминал, што беше основа на текстот и основа на тужбата. Останува битката на „Давид против Голијат“ или на власт против опозиција поради тоашто ова е политичка битка за пресметка со оние коишто најмногу притискаат кон несовесните и апелираат да се сузбијат штетните општествени зла и појави. Да бидам искрен, само ми се потврди тоа што беше мој наод, се покажа како точен. Се отткука па понатаму е одлука на судот којшто ќе ги цени сите докази и наоди изнесени од двете страни. И се надевам дека и судот ќе го верифицира масовниот непотизам во Велес, додаде Смилев кој немаше правен застапник туку сам се бранеше во судницата.
Судијката Лорета Тодорова, на Основен суд Велес, најави дека пресудата ќе ја соопшти на 9 мај, годинава, во 12:00 часот.
Убавка Јаневска
