Завршува изградбата на социјалната зграда во Велес, распределбата на становите на почетокот на 2023 година

Градежните работи на шескатницата со 29 станови наменети за ранливите категории на велешани планирано е да завршат на крајот на месец октомври, годинава. Изведувачот на градежните работи се придржува на роковите на динамиката на градење. На дел од зградата веќе е поставена и фасадата што за десеттина дена ќе треба да биде завршена на целиот објект. Од министерството за транспорт и врски, во одговорите на новинарските прашања на Дума.мк, соопштија дека финишираат градежните работи и во внатрешноста на објектот во кој избраните корисници ќе плаќаат минимален месечен закуп од 300 до 400 денари, во зависност од големината на станот.
-Становите ,со големина од 36м2 и 37 м2, се наменети за граѓани од ранливи социјални групи и согласно Законот за социјална заштита се категоризирани како деца без родители, лица погодени од елементарни непогоди, корисници на постојана социјална парична помош, самохрани родители, лица со инвалидитет приматели на постојана парична помош и Роми приматели на социјална помош, соопштија од министерството.
Изградбата на социјалната зграда во Велес ја финансира Министерство за транспорт и врски. Објектот чини 41 милиони денари. Овие средства преку блок дотации се префрлени на Акционерско друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор кое ја застапува сопственоста на државата. Во моментов министерството го спроведува конкурсот за распределба на социјални станови во зградите во Пробиштип, ќе следи втор за во Виница и во Свети Николе и трет за Неготино и Велес. Во последниве два градови конкурсот ќе се распише на почетокот на 2023 година.
Убавка Јаневска
