Здравствената состојба, срцевосадовиот систем и функционалноста на 1490 деца од Кавадарци, опфатени во проект, одговараат да бидат физички активни
Објавено: 22 август, 2025, во 13:23 часот
Повеќе од половина од вкупно 1490 деца, ученици од второ до петто одделение во Кавадарци, имале добар физички развој но меѓу нив биле забележани и потхранети и деца со поголема тежина. Нивната функционалност, здравствена состојба, срцевосадовиот систем биле во состојба и кондиција коишто одговараат за изведување на физички активности.
Ова се резултати на проектот за мерење и следење на физичкиот развој кај учениците во училиштата во Кавадарци којшто партнерски го реализираат Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УИМ и Општина Кавадарци.
Според денеска дадените информации, во општинските простории, евидентираните резултати не отстапувале многу од регионалните и европските стандарди.
Проектот го следи физичкиот развој на децата, ги информира родителите за евентуални проблеми и открива спортските предиспозиции кај оваа целна група. Податоците со кои располага проектниот тим освен што се доставени на родителите денеска се испратени и до училиштата во Кавадарци.
Убавка Јаневска


