Зголемен интерес за вакцинација против сезонски грип во Велес — аплицирани 1.400 дози за две недели

Објавено на 29 октомври, 2025 во 14:40

Зголемен е интересот за вакцинација против сезонски грип во Велес. Од почетокот на имунизацијата, поточно од 16 октомври годинава, па сѐ до денес, 29 октомври, во Центарот за јавно здравје Велес се аплицирани вкупно 1.400 вакцини. Според податоците од Центарот, дневно се аплицираат околу 240 вакцини и термините за вакцинација се веќе пополнети до 6 ноември.

Граѓаните се пријавуваат преку vakcinacija.mk, а потоа доаѓаат на закажаните термини во просториите на Центарот за јавно здравје Велес.

Вакцинацијата против сезонски грип и оваа година ја спроведуваат здравствените работници на Центарот за јавно здравје Велес. Покрај велешани, со имунизацијата се опфаќаат и жителите на соседните општини Чашка, Градско и Лозово, каде што нема јавни здравствени установи.

Со бесплатната вакцинација опфатени се повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во тие установи. За останатите граѓани, достапни се вакцини на приватно по цена од 700 денари.

Од Центарот за јавно здравје Велес потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција, која спречува појава на потешки форми на болеста и компликации особено кај ризичните групи. Вакцинацијата не е задолжителна и се спроведува по желба на граѓанинот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.