„Живеј со стил – поддржи различности“: Велешанецот Данчо меѓу 32 лица кои го менуваат општеството

Објавено: 25 септември, 2025, во 11:19 часот

Велешанецот Данчо Лазов е еден од вкупно 32-цата учесници на патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“, која преку моќни портрети и пораки го слави достоинството, силата и чесноста на лицата со попречености од цела Македонија. Изложбата, која во моментов е поставена во Велес, преку визуелни приказни и нуди можност на јавноста да се запознае со индивидуалните искуства и пораки на овие инспиративни луѓе.

На плакатот посветен на Лазов, во Ликовен салон Велес, покрај неговата биографија ќе може да ја прочитате и неговата порака која гласи – „Би сакал да се променат повеќе работи во нашата земја, со што би ни овозможиле подобар живот за сите!“.

Оваа изложба е дел од серијата активности на здружението „Игуалити“, кое веќе неколку години активно работи на промоција на еднаквост и инклузија. Според претседателот на здружението Гере Трипков целта на изложбата е да покаже дека лицата со попреченост не се само пасивни приматели на грижа, туку и активни членови на општеството со свои вештини, ставови и идеи.

Со оваа изложба имаме цел да покажеме дека и нашата заедница има умешности и вештини и дека нашето општество треба да биде поотворено и поемпатично, додава Трипков.

Концептот на изложбата е едноставен, но моќен, секој плакат прикажува лице со попреченост, нивна кратка животна приказна и лична порака до општеството. На овој начин, посетителите не се само гледачи – тие се поканети да размислат, да се поврзат и да ја променат својата перспектива.

Изложбата своето патување го започнала во Крушево за Илинден, продолжила низ Гевгелија и Ресен, а сега е поставена во Велес – токму на половина од својата планирана рута. Следните дестинации се Крива Паланка, Делчево, Струмица и Свети Николе, додека финалето ќе се одржи во Скопје, каде ќе биде заокружена оваа силна порака за поддршка, видливост и разбирање.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.