Жртвата не доаѓа на училиште, педагошки мерки за сторителите и прикривачите на врсничкото насилство, ДПИ не утврди одговорност на педагозите
Наставниците, стручната служба и разрешената в.д директорка на ООУ„Даме Груев“ во Градско немаат одговорност за слученото врсничко насилство во училиштето, констатира Државниот просветен инспекторат по извршениот вонреден инспекциски надзор. По пријавата на случајот училиштето ги превзело сите обврски и мерки согласно Закон за образование, пропишани во член 72, констатира инспекторот. На новинарското прашање на Дума.мк, што превзело училиштето и има ли изречено педагошки мерки, Државниот просветен инспекторат одговара дека освен за учениците сторители има и за учениците во класот кој знаеле но го прикривале насилството.
„Намалување на поведението од „примерно“ во „незадоволително“ и преместување на учениците во друга паралелка, односно од 9а во 9б во основното училиште ,,Даме Груев“ Градско на учениците сторители од 9а одделение. Намалување на поведението од „примерно“ во „добро“ на сите останати момчиња, ученици од 9а одделение бидејќи истите го прикривале случајот. За Изречените педагошки мерки е изготвена Одлука на Наставничкиот совет заверена со арх.број 02-575/2 од 25.11.2022 година. За изречените педагошки мерки доставено им е писмено известување на родителите/старателите од 9а одделение и по истото им е дадена правна поука односно право на приговор од 7 дена до Училишниот одбор. До моментот на назорор во училиштето нема доставено приговот во однос на изречените мерки,“ пишува Државниот просветен инспекторат.
Во записникот на инспекторатот е констатирано и дека преместени се двајцата ученици кои го извршиле врсничкото насилство во друг клас, во училница што се наоѓа во друг дел на училишниот објект, но не е спомнато дека ученикот жртва три седмици не доаѓа на училиште.
На намалување на неговата траума што во случајов се манифестира со страв треба да работи училишната педагошко психолошка служба,која треба да е засилена со социјален работник на Центар за социјални работи Велес.
Новата в.д директорка на ООУ„Даме Груев“ Каролина Кирова денеска за Дума.мк изјави дека го очекуваат ученикот во нивното училиште и потврди дека тоа засега не се случило. Тимот за поддршка постапува согласно препораките на разрешената в.д директорка и на инспекторатот за одржување на средби со учениците сторители на врсничкото насилство, нивните родители како и со сите ученици од класот.
Дали жртвата на врсничкото насилство ќе се врати во училиштето засега сеуште е неизвесно. Како што дознава Дума.мк малолетникот сеуште не е подготвен да се соочи со стравот и довербата во институциите. Овој случај на булинг во училиште Дума.мк го отвори во текст со наслов Првенец на генерација изложен на булинг во училиштето во Градско пред 11 дена. Тогаш преку изјава на родителот на ученикот жртва пренесовме се што неговиот син преживувал минатата и од почетокот на оваа учебна година во училницата и во два наврати во соблекувалната за физичко образование, далеку од очите на јавноста.
Убавка Јаневска